Во сенка на ковид пандемијата, со заштитни маски на лицата, ја испраќаме 2020 година, тешка, но поучна. Граѓаните велат дека изминавме тешка година која физички нѐ раздели од роднините и пријателите, меѓутоа, за сите, поуката е иста, нема ништо поважно од здравјето.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, посака добро здравје за сите граѓани и апелираше да се воздржиме од групирања со цел да ја пречекаме пролетта здрави, за потоа вакцината да си го направи своето.
– Мислам дека оваа година што ни доаѓа, 2021, како никогаш до сега има суштина она кога си посакуваме добро здравје и она што јас го посакувам и за мене и за сите луѓе е да има добро здравје и конечно да успееме, невидливот непријател, ковидот, да го победиме како цивилизација со цел да си ги вратиме животите во нормала, изјави за МИА, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Угостителството, годинава, доби сосем друга димензија, гостите преполовени, атмосферата поинаква. Менаџерот на Ресторан Дион, Сашко Поповски, нагласи дека протоколите ги однеле кон големи загуби, меѓутоа празничната атмосфера се чувствува и покрај тоа што пандемијата зема голем замав.
– Немаме прослави, не можеме да организираме никакви забави, журки, ништо, работиме со некои промоции и акции за да е достапно за сите граѓани, да може секој да си ја долови празничната атмосфера, изјави за МИА, Сашко Поповски.
На него се надоврза и менаџерот на Soul Kitchen Bar, Даниел Костовски, кој што сподели дека атмосферата не е истата бидејќи самата ситуација не го дозволува тоа.
– Разликата од минатата година е сосема голема, со тоа што не прополовија, некаде околу 60 проценти од гостите што требаше и оваа година да ги имаме. Атмосферата не е истата затоа што самата ситуација што ја имаме не ни го дозвлува тоа, но во секој случај се надеваме дека брзо ќе заврши, изјави за МИА, Даниел Костовски.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека со цел регулирање на јавниот ред и мир, ќе постапуваат и во текот на новогодишната ноќ и новогодишните празници. Тие потсетуваат дека кршењето на ковид правилата е кривична одговорност по кривичниот закон за ширење на заразни болести и апелираат дека воопшто нема да имаат толеранција кон кршење на овие закони.
– Да се воздржиме од употреба на пиротехнички средства, од кршење на јавен ред и мир, но, пред сѐ, да се воздржиме од кршење на протоколите за ковид 19 и овие празници, колку што е можно, да ги поминеме во своите домови, за да можеме да придонесеме заеднички за спречување на коронавирусот, изјави за МИА, портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Екипата на МИА, на прагот пред Новата година, успеа да долови раздвиженост и добро расположение на плоштадот во главниот град каде што детските насмевки беа составен дел од еуфоријата која го направи магичен секој момент.
Дедо Мраз дојде и во Македонија и нѐ посоветува да се чуваме, да ги носиме маските и да ги слушаме препораките. На прашањето кои се најчестите желби кои стигнуваат до него, Дедо Мраз рече дека желбите се секогаш исти за децата, а за родителите, да има здравје.
– Сите заболени од корона да оздрават и сите заедно да ја пребродиме оваа болест, посака Дедо Мраз.
Овогодинешната честитка е една, добро здравје за сите!
Ангела Рајчевска
Симона Србиноска