Министерот за здравство Венко Филипче денеска беше во посета на Клиниката за гинекологија и акушерство на Одделението за интензивна нега и терапија, каде се третираат предвреме родени бебиња.

Како што соопшти Министерството за здравство, во разговор со директорката на клиниката Викторија Јовановска и началничката на одделението Рената Димитриоска, министерот беше информиран дека во извештајот за 2020 се бележи значителен пад на смртност кај новороденчиња, лекувани на одделението за интензивна нега и терапија.

Гледајќи по години наназад во 2016 била 25 отсто, во 2017 – 21 отсто, во 2018 година 16 отсто, во 2019 година 12 проценти, додека годинава десет отсто, од вкупно третираните бебиња на одделението за интензивна нега и терапија.

-Намалувањето на смртноста во перинаталниот период, се должи на големите вложувања што се направени во изминатите три години во овој сегмент од здравството- во опрема, едукација и проширување на стручните тимови на одделението за интензивна нега на Гинеколошки-акушерската клиника, стои во соопштението од ресорното Министерство.

Согласно најновиот извештај на УНИЦЕФ, земјава е рангирана меѓу првите три земји во светот со најголем пад на стапката на смртност кај новороденчиња.