Почетокот на 2020 година во Косово беше во знакот на тешките преговори меѓу дотогашните опозициски партии за формирање на новата Влада, по парламентарните избори одржани на почетокот на октомври претходната година.

На вонредните избори, одржани откако дотогашниот премиер Рамуш Харадинај поднесе оставка затоа што беше осомничен од Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, победија Движењето Самоопределување (ВВ) на некогашниот опозициски активист, а последните години и партиски лидер, Албин Курти, и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) на поранешниот премиер Иса Мустафа. ВВ освои 26,27 отсто гласови (околу 1,5 отсто повеќе од ЛДК), со што во 120-члениот косовски парламент обезбеди 29 пратенички места, додека партијата на Мустафа освои едно место помалку.

Двете партии победнички на изборите, по речиси петмесечни преговори, конечно на 2 февруари се договорија за поделба на власта, а утредента Собранието го изгласа составот на новата влада.

Нов косовски премиер стана Курти, а во неговиот кабинет, освен членови на ВВ и на ЛДК, имаше и претставници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа.

Меѓутоа, недолго по формирањето на Владата, во времето кога започна да се шири епидемијата на Ковид-19, почнаа да се појавуваат проблеми меѓу главните коалициони пртнери, ВВ и ЛДК. Непосреден повод беше барањето на претседателот на државата, Хашим Тачи (со кого Курти има дамнешни несогласувања, па дури може да се каже и непријателски односи), за воведување вонредна состојба поради порастот на случаи на заразени од коронавирусот.

Курти остро се спротивстави на идејата на Тачи, додека министерот за внатрешни работи од редовите на ЛДК, Агим Велиу, во интервју за една косовска телевизија, истото го поддржа, по што на 18 март беше експресно разрешен. ЛДК за разрешувањето на неговиот потпретседател од министерската функција беше информиран дури по одлуката на премиерот.

Освен за непочитување на колицискиот договор, ЛДК го обвини Курти и за расипување на односите со најзначајниот косовски меѓународен сојузник, Соединетите Американски Држави, поради тоа што го одбиваше нивното барање за укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија. Имено, Курти донесе одлука за реципроцитет кон Србија, додека Вашингтон, преку специјалниот пратеник на претседателот Доналд Трамп за спорот меѓу Косово и Србија, амбасадорот Ричард Гренел, бараше целосно укинување на таксата, со цел да се деблокира процесот на преговори меѓу Приштина и Белград.

По покренатата моција од страна на ЛДК, ноќта на 25 март Собранието, со 82 гласа „за“ и 32 „против“, му изгласа недоверба на кабинетот на Курти. Покрај 29-те пратеници на ВВ, против уривањето на Владата гласаа и тројца пратеници на ЛДК, меѓу кои и собраниската спикерка, Вјоса Османи, која на октомвриските избори беше носител на пратеничката листа и кандидатка за премиер од таа партија. Од тогаш Османи продолжува да делува опозициски во однос на матичната партија, по што беше исклучена од раководството, а има најави и дека е можно да формира нов политички субјект, или пак на наредните парламентарни избори да настапи како кандидатка на ВВ.

Владата на Курти продолжи да ја врши должноста, како влада во оставка, до 3 јуни, кога, со минимално мнозинство од 61 пратеник, беше изгласана новата влада предводена од Авдулах Хоти од ЛДК.

ВВ го спореше формирањето на новата влада, тврдејќи дека, во ситуација кога ќе се смени владата формирана од победникот на изборите, автоматски треба да се прогласат нови прламентарни избори. Меѓутоа, Уставниот суд на Косово пресуди дека влада може да формира секој кој ќе обезбеди мнозинство во Собранието.

Откако не успеа да го спречи формирањето на Владата на Хоти, партијата на Курти пред Уставен покрена иницијатива за оценка на нејзиниот легитимитет, оносно за прогласување за неважечки на еден од гласовите на пратениците кои гласаа на 3 јуни.

Уставниот суд неколку месеци подоцна, на 21 декември, го прифати барањето на ВВ за прогласување за неважечки на гласот на пратеникот од немнозинските етнички заедници Етем Азири и одлучи дека треба да се организираат вонредни парламентрни избори во рок од 40 дена

Според одлуката на Судот, со тоа што, пред да се кандидира на општите избори бил правосилно осуден на 15 месеци затвор заради кривично дело злоупотреба на службената должноста, односно примање поткуп, Азири немал право на глас во Собранието. Со оглед дека со неговиот глас кабинетот на Хоти го обезбеди минималното потребно мнозинство од 61 пратеници, со поништувњето на тој глас дотогашната влада го изгуби легитимитетот.

Уставниот суд одлучи дека дотогашните одлуки на Владата остануваат на сила, како и дека Владата на Хоти ќе продолжи да ги извршува должностите до изборот на новата влада. Датумот на вонредните парламентарни избори, според одлуката на Судот, треба да го договорат парламентарните партии по консултации со претседателот на државата.

Освен со влада во оставка, крајот на годината Косово го дочека и со вршител на должноста претседател на државата, откако на 3 ноември дотогашниот претседател Хашим Тачи поднесе оставка, а неговата функција до избор на нов претседател ја презеде собраниската спикерка Османи.

Оставката на Тачи уследи по подигнувањето обвинение против него од страна на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на меѓународниот суд за злосторства против цивили Албанци, Срби и од другите етнички заедници во војната од 1998-99 година.

Покрај Тачи, кој е обвинет како политички директор на Ослободителната војска на Косово во време на косовско-спрската војна, од трибуналот во Хаг, познат во косовската јавност како „суд за ОВК“, на почетокот на ноември беа потврдени обвиненијата и против три други видни фигури од раководството на таа некогашна воена формација, кои извршуваа значајни функции и во повено независно Косово.

Откако им беа потврдени обвиненијата, во притворното одделение на судот во Хаг, а десетина дена подоцна и на обвинителната клупа, заедно со дотогашниот шеф на држвата се најдоа уште двајца поранешни претседатели на републичкото Собрание – шефот на разузнавањето на ОВК Кадри Весели и нејзиниот портпарол Јакуп Красниќи, како и шефот на пратеничката група на ВВ, Реџеп Селими, една од истакнатите фигури на военото крило на ОВК.

Во истиот период, по налог на обвинителството во Хаг, во прилично спектакуларни акции на полицијата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, со асистенција на домашната полиција, се приведени и против нив се подигнати обвиненија и за двајца од водачите на Организацијата на воени ветерани на ОВК – претседателот Хисни Гуцати и неговиот заменик Насим Харадинај. Обајцата се сомничат дека ја попречувале правдата со притисоци врз сведоците повикани од судот.

Сите споменати и натаму се наоѓаат во притворот во Хаг и досега се појавија на судски сеанси на кои им беа претставени обвиненијата, додека нивните бранители поднесоа барања за да им се дозволи да се бранат од слобода.

Согласно косовскиот Устав, по оставката на Тачи должноста шеф на државата ја презеде собраниската спикерка Османи, која таа задача ќе може да ја извршува до изборот на нов претседател, но не подолго од шест месеци.

Со втора влада во оставка за една година и со претседател обвинет за воени злосторства, крајот на 2020 и почетокот на 2021 година во Косово е во знакот на подготовките, шпекулациите, пазарењата и сличните процеси во очекување на вонредните парламентарни избори. Во ваква ситуација, имајќи го предвид досегашниот развој на настаните, малку кој во земјата очекува некакво „разбистрување“ на политичките односи и помалку турбулентна година во тој поглед.