На ниедно од последните интервјуа периодот што измина министерката за образование Мила Царовска не ја спомена ниту еднаш Националната платформа за учење на далечина. Целата енергија и медиумски настапи сега се сведени на нејзиниот т.н. нов образовен концепт заради кој експертската јавност крена прашина: елиминацијата на предметот Историја како посебен, односно негово присоединување кон општествените науки.

Прашалниците околу методологијата и начинот на изведување на оваа реформа останува неизвесно, пред се заради големото несогласување на мнозинството од стручната јавност. Но што е со Националната платформа, таа требаше да биде реално спроведена уште во октомври? А заради нејзината подготовка беше одложен почетокот на учебната година во септември. Надлежните побараа разбирање оти платформата крахираше првите денови од стартот, па единствена опција на учениците (барем на оние кои имаа компјутери и интернет) остана „Мајкрософт“.

Но, и цело прво полугодие потоа никој веќе не објасни до каде е Националната платформа, се догради ли, ќе биде ли во употреба или пак државата уште се надева на милостиња од „Мајкрософт“? Ако е така, тогаш прашањето е до кога? Оваа фирма гигант во информатичката технологија сигурно нема да дозволи да опслужува некоја држава без пари. Оттука власта е должна да објасни дали и колку пари ќе му плаќа на „Мајкрософт“ и зошто никој ништо не споменува за платформата.

Координаторката Александра Ружин од која се очекува објаснување за националната платформа, се појави само еднаш, крајот на септември за да каже дека стартот на годината нема да се случи преку неа. Никогаш потоа не одговори на новинарско прашање.