Не стивнуваат реакциите во јавноста за пожарот во Глобал кој се случи пред два дена. Последна во низата е и реакцијата на професорката Билјана Ванковска која вели дека сликата од Глобал е сликата за Македонија во овој момент.
- Ги гледам тажните остатоци од Глобал во Струмица, и не можам а да не помислам дека има тука некаква бизарна симболика.
Објект со претенциозно име, изграден на климави и коруптивни основи, во една мала Недојдија која ја предводи токму оној што му кумуваше на „глобализмот“ во локална верзија. Во брзање да се изгради нешто што навидум е велелепно, со светкви стакла, и во желбата да се профитира по секоја цена и на секој начин, поставена е зградата која го красеше градот и му даваше привид на велеград (од глобалното село). Внатре сум била само еднаш и ме погоди силниот контраст на она што однадвор се навестуваше, со она што го видов на тезгите внатре. Токму контрастот на (навидум) глобален Центар (макар и трговски) и внатрешната сиромаштија на (европската) периферија.
И сега настрана причините за несреќата, но се разоткрива сјајот и бедата на куртизаните, да го парафразирам Балзак. Неодамна разбравме дека Струмица немаше амбулатни возила, сега дознавме дека градот има и прастари пожарникарски возила. Објектот бил изграден без основната безбедносна инфраструктура за вакви непогоди. Одеците од други страни потврдуваат дека не е единствен... Каква среќа било тоа што пожарот избувнал дпцна во ноќта! (На денот кога Заев парадираше во близина со својата моќ.)
И така, Глобал ви е сликата на Македонија денес 🙁 А вие ако сакате, радувајте се, ако сакате тагувајте, ама можеби некој и ќе ја прими целата приказна и нејзиното наравоучение за земја во која никој не е одговорен за ништо, коментира Ванковска.