Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски во интервју за емисијата „Неделата на НОВА“ истакна дека премиерот на Република Македонија при откривање на споменикот на бугарскиот херој Каварналиев кај Дојран му кажал дека тој знае каква е историјата но да почекаат бугарските политичари да поминат изборите во Македонија.

- Ќе ви кажам кога за последен пат разговаравме, кога се откриваше споменикот на бугарскиот херој Каварналиев кај Дојран, тој самиот замоли: „Ајде сега, ние знаеме каква е историјата, но почекајте да поминат изборите тука кај нас“, истакна Џамбаски.

Џамбаски додаде и дека Заев водел бугарска политика во лошата смисла на зборот, кажувајќи им го на сите тоа што тие сакаат да го слушнат.

Европратеникот од редовите на Европските конзервативци и реформисти изјави дека не верува дека ставот на Бугарија во однос на стартот на преговорите со Македонија ќе се смени и во случај на промена на власта во Софија, бидејќи само мала политичка група која припаѓа, според Џамбаски, на градската левица имала позитивно мислење за стартот на преговорите за Македонија.

Во однос на прашањето за вакцините Џамбаски е дециден дека и покрај политичкиот спор со Скопје, Бугарија треба да им помогне на луѓето во Македонија и да не ги остава на цедило.