Во текот на вчерашниот ден, Министерството за внатрешни работи преку соопштение ја информираше јавноста дека поднела кривична пријава против 20 Скопјани поради тоа што во септември месец тие се групирале во иста хотелска соба додека на сила беа мерките за забрана за групирања како мерка против Ковид-19.

Кривична пријава е поднесена против 20 скопјани кои биле во иста соба во хотел во Крушево, иако биле предупредени од персоналот да не се групираат и влегле во хотелскиот базен во поголем број од дозволеното. Тие се сомничат дека сториле кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Скопјаните се на возраст од 19 до 48 години.

– На 19.09. 2020, пријавените биле во една соба во хотел во Крушево, иако биле предупредени од страна на персоналот на хотелот да не се групираат и да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19. Истиот ден, тие влегле во хотелскиот базен во поголем број од дозволеното, спротивно на протоколот според кој дозволено е присуство на максимум шест лица во базен, стоеше во соопштението на МВР.

Со оглед на тоа што во септември месец имаше значително помал број на новозаразени за разлика од последните два месеца, поради тоа што МВР отвори телефонска линија на која граѓаните ќе може да пријавуваат недозволени групирања а на сликата објавена од Бујар Османи се гледа групирање по повод прослава на партиски лидер во државна институција и поради тоа што на еклатантен начин се прекршени протоколите кои Филипче, Заев и Спасовски постојано повторуваат да се почитуваат, останува да видиме дали МВР ќе постапи со исти аршини и кон функционерите од ДУИ кои важат за недопирливи, како и за Скопјаните кои се групирале во иста хотелска соба и ќе им поднесе кривични пријави согласно законските прописи или пак за потребите на владиниот ПР ќе бидат казнети со по 20 евра за неносење на маски. Како што на пример МВР го приведе дечкото од Радовиш кој возеше со БМВ по шеталиштетото додека Арачиновецот кој со Бентли влета на плоштад во главниот град на пешачка зона заработи казна од цели и „астрономски“ 45 евра.