Хибридниот модел на настава во првото полугодие (онлајн, физичко присуство и часови на телевизија) обезбеди континуитет и ги даде посакуваните резултати во вонредни околности во кои се работеше во изминатите три месеци – оценето е на онлајн-состанокот кој министерката Мила Царовска вчера го имала со директорите на основните и средните училишта од целата држава.

Над 90 отсто од учениците успешно следеле онлајн-настава, помалку од 1 процент активни случаи на КОВИД-19 имало во наставата со физичко присуство и редовно биле емитувани часови на македонски и на албански јазик на МРТ.

– Слободно можеме да кажеме дека успешно го заокруживме првото полугодие. Наставниот материјал е поминат според предвидените скратени програми, а учениците се оценети, соопштиле директорите на состанокот.

Учениците од четвртокот се на распуст и на настава (во клупите, пред ИТ-уредите и ТВ-екраните) ќе се вратат на 21 јануари. Уште 15 дена може да се праќаат и предлози, сугестии и забелешки за Нацрт-концепцијата за основно образование поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука.

Министерката Царовска вчера изјави дека е очекувано да има спротивставени ставови за крупни реформи, дека коментарите се добредојдени и ќе бидат земени предвид тие што се добронамерни и издржани. Но не да се отфрлува концепцијата, порача министерката, зашто земјите кои имаат спроведено ваков начин на учење, рече, имаат највисоки резултати на меѓународните тестирања.

Нагласувајќи ја потребата од реформи во основното образование, премиерот Заев посочи дека тие што работат на новата концепција немаат лоши намери и се подготвени да ги слушнат сите експерти од сите области, вклучително и родителите и децата и да го прифатат тоа што е најдобро.

– Нема потреба да брзаме, имаме доволно време по пат на дебата да извлечеме најдобар модел кој ќе биде во функција на образовниот процес на учениците. Еден дел од сугестиите велат да се оди пополека и да не се избрзува. Да се тргне од прво одделение, па следната година од шесто одделение, за да видиме како ќе влијае новиот концепт. Поедноставно да се почне од прво одделение, бидејќи имаат само учителка и професор по англиски јазик или по физичко, а од шесто одделение имаат по 12 до 13 наставници. Можеби треба да дадеме подолго време за шесто одделение, за да се издискутира докрај и да тргнеме од 2022 година. Ова не го кажувам како експерт, туку за да знаат сите дека јас, министерката за образование и целиот нејзин тим, експертската и работната група се подготвени да слушнат што е најдобро и да го прифатат тоа за да стартуваме онака како што е најдобро за учениците, изјави Заев.

Со нив пак не се согласува Претседателот на МАНУ, Коцарев. Тој во интервју за ТВ Телма во однос на најавените реформи во образованието, смета дека МАНУ треба да даде критичка анализа на концепцијата на основното образование.

Смета дека во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција која не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги најнапредните образовни земји во светот.

-Според конепцијата, во сите девет одделенија не се изучуваат посебно предметите физика, хемија и биологија, кои од една страна се основи за применети науки кои, пак, од друга страна се фундаменти за континуираниот, инсклузивен и одржлив економски развој во која било држава, па така и Македонија. Така во една од најсиромашните држави од Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителот е многу низок, се предлага концепција која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител, рече претседателот на МАНУ