Ако во 2020 година после 30 години трчање и чекање станавме полоноправна членка на НАТО Алијансата во 2021 година на сите нас во одбраната, фокусот ќе ни биде практично да го докажеме и покажеме на дело, какви сме како членка, порача Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска при денешната посета на Лесниот пешадиски батаљон во касарната „Јане Сандански“-Штип.
– Во 2021 година главниот акцент ќе го ставиме токму на нашиот капацитет во Штип, каде што е лоцирана нашата НАТО декларирана главна единица, лесната Пешадија. Овдека и во текот на 2020, а особено оваа година ќе обезбедиме навистина подобри услови за работа, за вежбање, за подготовка, за НАТО предводени операции, рече Шекеринска.
Таа посочи дека во овој батаљон шанса за напредок ќе добијат најдобрите припадници на Армијата, односно војници, подофицери и офицери, коишто ги исполнуваат повисоките критериуми и ќе покажат резултати.
– Во 2020 ги започнавме обуките, заедно со тимовите од Обединетото Кралство и овде, меѓутоа и на Криволак, а денеска бевте присутни кога ја продолжуваме нашата обука. Значи научивме што можевме тоа од сојузниците, меѓутоа продолжуваме и самите да работиме и создаваме единица, којашто гордо ќе го носи и македонското знаме, ама и значката на НАТО припадност, вели Шекеринска.
Министерката за одбрана потенцираше дека после низа години припадниците на Армијата имаат комплетна борбена униформа, како што личи на една НАТО Армија. Министерството за одбрана на крајот на минатата година покрај опрема за декларираните единици обезбедува уште една целосна униформа, но и спортска опрема за сите припадници на Армијата.
– Главниот фокус во ова заединица го правиме и со тоа што доделивме и дополнителни примања за сите оние кои што ќе бидат дел од лесната пешадиска единица, рече Шекеринска.
Министерката Шекеринска најави дека во касарната „Јане Сандански“ –Штип годинава ќе се реконструираат и два објекти.