Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата за во 13 часот закажа седница на која на дневен ред е утврдувањето на листа на пријавени кандидати за избор на претседател и членови на ДИК, како и утврдување предлог одлука за избор на народен правобранител.
Како што претходно објави МИА, огласот за членови на ДИК заврши, а според информациите од Собранието, до претпладнево беа пристигнати пријави од 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници. Мандатот на актуелниот состав на ДИК завршува на 15 јануари. Досега само ВМРО-ДПМНЕ ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК.
Според процедурата, откако денеска Комисијата за прашања на избори и именувања ќе ја утврди листата на кандидати, ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат за членови на највисокото изборно тело во државата. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставуваа до пленумот кој треба да гласа. Рок за одговор од партиите нема, но постапката, според досегашите искуства, може да заврши во рок од еден ден.
На огласот за народен правобранител, што беше распишан на крајот на ноември, како што посочуваат од Собранието се пристигнати најмногу седум кандидатури. Одлуката за народниот правобранител треба да помине на собраниска седница.