Зошто пулмологија не ги објавува лекарските имиња кои стојат зад испратениот документ од лекарската комора во врска со протоколите за употреба на лекот „Ивермектин“? Ако конкретни имиња не се објават тогаш останува тврдењето на доктор Ненад Лазаров кој вчера објави дека официјалниот документ испратен на матичните лекари како протокол како треба да се употребува е плагијат.

-Јас се уште верувам дека е ова некоја скриена камера или некоја шега бидејќи текстот кој што беше дисперзиран од официјални мејлови на Лекарска комора и позади кој што текст на жалост денеска и МИнистерството излезе со соопштение дека е официјален протокол е всушност чист плагијат. Не може ни плагијат да се нарече бидејќи кај плагијаторството барем еден дел има авторски на новиот автор, овде збориме за копи пејст. Текстот како текст содржината е коректна, нема медицински невистини во тој текст, меѓутоа не кореспондира со насловот на тој протокол бидејќи во документот кој ни е пратен нас како матични доктори стои дека се работи за стручно мислење на стручниот колегиум на Пулмологија, вели Лазаров за Алфа.

Лазаров смета дека не смее неговите колеги да се нафатат да работат на основа на таков протокол.

-Инсистираме на еден протокол кој ќе има потпис и печат и кој што ќе биде официјален документ дали на Министерството за здравство врз база на стручен колегиум, напатствие со кое и ние како лекари ќе бидеме заштитени, првенствено зошто и како ќе го даваме тој лек, а најбитно од се е да бидат безбедни пациентите, додава тој.

Вчера од Лекарската комора од каде бил испратен документот до матичните лекари одговорија дека тие само го препратиле она што го добиле од Клиниката за пулмологија. Од Пулмологија, пак, во одговор на новинарско прашање велат дека стојат зад препораките во кои случаи и во какви дози да се користи лекот , бидејќи воведот за тоа што преставува Ивермектин бил универзален и постоел уште од 80- тите години на минатиот век.