Филиграните „Уникатите на Република Македонија“ на штипјанката Елизабета Џамбазова-Папарова патуваат низ целиот свет. Познатата македонска филгрантска пеперутка, но и мотиви или предмети пронајдени во македонските археолошки локалитети ги красат домовите не само на штипјани, туку и на нашите иселеници во Европа и светот. На почетокот ги броела, водејќи некоја статистика, но сега како што вели се остава да тече стихијно.
– Интересот е голем затоа што се работи за уникати чиј заштитен знак е „Уникатите од Република Македонија“, многу често овие слики се испраќаат во странство кај наши иселеници кои тоа го прифаќаат како дел од својата татковина. Сепак најмногу се радувам кога ќе ми кажат дека сликата ќе патува во странство, ќе ја испратам на мојата ќерка, како поклон за Нова Година ќе се израдува на „Уникатите од Република Македонија“- ова е последната слика која е испратена за Германија и тоа се зборовите на воодушевената мајка, вели Папарова.
Шармантна, со широка насмевка, жена која позитивно зрачи за сите, кои се околу неа. Педесет и деветгодишната Елизабета е дипломиран економист, по вокација магистер по економски науки, насока здравствен менаџмент. На работа е постојано со бројките, точноста и прецизноста, но дома е посветена на уметноста или како што вели на своето хоби, изработка на филиграни со срма.
Во разговорот за МИА открива како се има пронајдено во овој вид на уметност.
-Посматрајки сребрен накит изработен во филигран техника дојдов на идеа да се обидам истото да го направам со сребрена срма, како слика. За изработка на филигран слика потребна е подлога, која е најчесто од хамер хартија или кожа, сребрена срма , бисери, лепак , сребрен прав и соодветна рамка, вели Папарова.
Во нејзините филиграни се гледа, забележува и се остава впечаток дека вложува многу љубов, но сепак за нив потребна е и прецизност, за да се направи таква совршена убавина.
-Пред се потребна е желбата да се работи, на почеток на изработката магинацијата е водилка, со која се продолжува да се твори , со задолжителна прецизност и трпеливост, без која неможе да се постигне , односно да се изработи една слика. Сите слики се изработени со вложување на радост и љубов кои се вткаени во самата слика, рече за МИА Папарова.
За изработка на една слика потребни и се околу три дена, а како што вели имајќи предвид дека се работи со лепак и сребрен прав, кој треба да се исуши за да се финализира делото.
Филигрантската пеперутка доминира, но меѓу делата на штипјанката Елизабета можат да се видат и мотиви и предмети од македонските археолошки локалитети, па и вљубени мачки, слонови.Забележува дека филигрантската пеперутка е најзастапена од причина што истата е најчест украс на македонските народни носии.
-Но, најмногу ме инспирираат артефактите пронајдени на територијата на Република Македонија. Така во мојата колекција се наоѓа изработка на познатите обетки пронајдени во 3 век пред новата ера, потоа овде е и познатата ,,Голема мајка“ симбол на плодноста и мајчинството пронајдена во 8 век .п.н.е., често го изработувам православниот христијански крст, хороскопските знаци, глинени вазни со цвеќе и друго. Во завосност од моменталната инспирација, додава Папарова.
Штипската публика филиграните на Елизабета Папарова можеа да ги видат лани во Библиотеката „Гоце Делчев“, заедно со неколку штипјанки кои се имаат пронајдено во уметноста. Засега не размислува за самостојна изложба.
– Доколку се организира заедничка изложба како што беше во март 2019 би учествувала со цел да дадам белег и придонес на истата, вели Папарова.
Прашана дали на македонските уметници им е потребна поголема поддршка од страна на културните институции и медиуми, Папарова со одговор дека уметникот твори за себе.
-Тоа што се случува со културните институции и медиуми едноставно на мислење сум дека не се заинтересирани за развој на културата или пак за нејзино претставување на јавноста, рече Папарова.
Во разговорот за МИА го открива и својот проект за творење во 2021 година. Има цел и план да се овековечат во филигран техника ,дел од артефактите кои се во Музејот на Општина Штип.