Трагичната приказна на неколку девојчиња сексуално злоставувани од тренерот по џудо во Прилеп, отвора многу прашања: зошто приказната одвај излезе во јавност, односно беше само дел од билтенот на МВР, за дури ден потоа прилепската јавност да се крене, зошто девојчињата молчеле и се плашеле да кажат што им прави сега уапсениот тренер - кој е во 30-дневен притвор?

-Ваквата злоупотреба на децата остава далекусежни последици во нивниот психички, интерперсонален, социјален и понатамошен живот. Она што е важно родителите да го знаат е секако да не бидат вознемирени, уплашени без потреба, но сите разлики во однесувањето на децата се и тоа како важни за родителите да реагираат и да посветат внимание, да прашаат што се случува, меѓутоа да прашаат на начин на кој детето може да им одговори. Злоставувањето, сексуалното злоставување остава последици на личноста, и не е доволно да тоа да се отвори и никогаш веќе да не се спомне и бара сериозен третман да се избегнат последиците на личноста, вели за Алфа психологот Вида Гавриловска.

За да се помине низ овој проблем без трајни последици, потребна е не само психолошка поддршка, туку поддршка од институциите. Овој проблем за жал се појавува и кај децата во тинејџерски години, и тешко можат да се охрабрат да зборуваат за тоа, вели Гавриловска.