Министерот за здравство Венко Филипче попладнево изјави дека во тек се преговори за набавка на 200 илјади дози од кинеските вакцини.

– Очекуваме детали да имаме во следните неколку денови, инаку станува збор за 200 илјади дози кои планираме да стигнат од Кина. Сите 200 илјади дози треба да стигнат веднаш, а тоа што го чекаме како детали овој период којшто е пред нас е точното време во кое треба да пристигнат, изјави Филипче за телевизија Сител.

Тој посочи дека вчера разговорал со претставници на компанијата „Фајзер“ кои ни укажале дека тоа што прво ќе следува од нив е дозволата да се извезе една количина од Србија, односно тоа е првата количина што ќе стигне во нашата земја.

Системот „Мој термин“ ќе ја има клучната улога во спроведувањето на вакцинацијата, која според најавите на министерот за здравство Венко Филипче треба да започне во февруари.

– Повикувањето ќе се одвива преку системот „Мој термин“. Во првата група се здравствените работници кои работат со ковид пациенти, потоа вработените во лабораториите, каде што се врши дијагностиката и најстарите граѓани над 70 години кои се во ризична група согласно нивните хронични дијагнози, рече Филипче во интервју за ТВ21.

За вакцините, тој вели дека точно знаат каде ќе се чуваат, без разлика дали е вакцина на „Фајзер“ која се чува на -70 степени или станува збор за останатите вакцини.

Тој вели дека има на залиха од лековите Ивермектин и Клексан. Посочи дека е зголемена побарувачката за Клексан, но оти постојано ги зголемуваат и залихите.

Во однос на работата на угостителските објекти, Филипче рече дека ќе почекаат да видат како ќе се одвиваат работите неделава со малку продолженото време и врз основа на тие резултати ќе се носат нови препораки.