Бројот на новозаразени од Ковид-19 и починати се намалува, покажува последниот извештај на Институтот за јавно здравје. Од 2518 тестови, вчера се регистрирани 444 нови случаи, а бројката на оздравени е двојно поголема.

Во Скопје и натаму најголем број заразени, односно вчера речиси половина од новозаразените се регистрирани токму во главниот град на државата.

Заболени лица се регистрирани во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години.

Вкупно 608 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава и има околу 559 празни болнички кревети во ковид центрите, меѓутоа бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера соопшти дека во тек се преговори за набавка на 200 илјади дози од кинеските вакцини. Со помош на кинеската Амбасада во земјава веќе се остварени контакти со тамошните производители на вакцини. Филипче верува дека до крајот на неделава ќе ги имаат деталите во однос на договорот, цената и испораката. Тој не се сомнева во нивниот квалитет.

Системот „Мој термин“ ќе ја има клучната улога во спроведувањето на вакцинацијата, која според најавите на министерот Филипче треба да започне во февруари.

Нарачките од фармацевтските компании доцнат и за земјите членки, но во ЕУ се надеваат дека откако ќе се добијат потребните дози за втората рунда вакцинација ќе може да се забрза процесот и за третите земји, вон ЕУ.

Владата на Република Македонија на 41-ва редовна седница го разгледа и го прифати Националниот план за КОВИД-19 вакцинација во Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Инаку, српската премиерка Ана Брнабиќ при гостување во една од српските телевизии истакна дека ветените 8000 вакцини од Фајзер кои Србија ќе ни ги даде во вид на помош, бидејќи сме единствената земја во регионот па и пошироко која досега нема ковид вакцини, не можат да бидат испорачани во нашата земја поради тоа што ковид вакцината на Фајзер не е регистрирана и поради тоа што немаме план за вакцинација кој ќе се имплементира исклучиво за антиковид вакцините.