Во издание на Музеј Куманово излезе од печат монографијата за „Трајко Муфтински“ од авторката Славица Крстиќ, советник документатор, историчар на уметност. Монографијата го опфаќа професионалното творештво на Муфтински, областа на иконописот, фрескосликарството и современото профано сликарство. Резимето е на англиски јазик, како и вториот дел од книгата со репродукции од неговите оригинални дела, завршувајќи со десеттото поглавје за библиографијата.

– Истражувањата за Трајко Муфтински започнаа сосема случајно, во 2006 година при посетата на манастирот Карпино во Сув Орах, Кумановско. Истражувајќи ја средновековната уметност, црковното сликарство и архитектурата од византискиот, поствизантискиот и преродбенскиот период на повеќе цркви и манастири во кумановскиот регион, ми падна в очи сигнатурата на нашиот кумановец Трајко Муфтински, кој по пат на завештание веќе има подарени ликовни дела со теми од христијанската религија во одделението за историја на уметност (Уметничката галерија) во НУ Музеј – Куманово, изјави авторката Крстиќ.

Како долгогодишен музејски работник и истражувач на црковната уметност во Куманово и Кумановско, како што рече, се заинтересирав и за периодот меѓу двете светски војни, т.н. преоден период, кој е непознат и воопшто неистражен.

– Особена чест и задоволство ми беше да истражам еден дел од творештвото на нашиот сограѓанин и да го обелоденам неговото име, најпрвин преку изложбата од пред две години: „100 години од творештвото на Трајко Муфтински (1919 – 2019)“, а сега и преку оваа скромна публикација, опфаќајќи дел од неговиот живот и дело, иконопис, фрескоживопис и современо сликарство, изјави Крстиќ.

Таа ја започнала истражувачката дејност за творештвото на Муфтински од 2011 година по црквите во околината на Куманово, откривајќи дека изработил цели иконостаси во повеќе цркви.

-Не се знае точната бројка на неговите дела, бидејќи се разнесени по разни места во поранешна Југославија, во која тој живеел и творел. Најмногу творел во црквите од родниот крај и за Врањската епархија (Сикирије, Кленике, Доња Трница, Радовница, Прешево, Трговипте, Владичин Хан, Бујановац, итн.), а имал ангажмани и во Белград, Крушевац, Сараево, Далмација итн. Создал над 600 икони за иконостаси, пет до шест фреско ансамбли и над 200 современи дела, по нарачка на црковните власти и љубителите на современата уметност, појаснува Крстиќ. За личниот живот на Муфтински, авторката користела оскудна литература и автобиографски белешки, тапии, разгледници од потомците. Трајко Муфтински е роден на 15 мај 1895 година, а починал на 12 јуни 1963 година. Завршил гиманзија во Куманово, уметничкото образование го продолжил во Белград, Прага и Загреб. Дипломирал на Вишата школа за применета уметност на Ликовната академија во Загреб, во 1927 година. Освен, со црковна уметност за која како пример му послужила средновековната византиска уметност, се занимавал и со профано сликарство, масло на платно, на лим и на штица, акварели и цртежи. Сликал пејсажи, портрети и актови. Се инспирирал од модерните сликарски правци на реализмот, импресионизмот и експресионизмот. Од 1950 година е член на ДЛУМ. Заедно со Кирил Караџа, во 1956 година го основал друштвото на ликовни уметници „Кумановци“.

Издавањето на оваа монографија се совпаѓа со 125-годишнината од раѓањето на Трајко Муфтински (1895 – 2020), првиот академски сликар и зограф од Куманово, како и 100 години од неговото творештво во родниот град, од првите потпишани икони во манастирот Карпино (1920 – 2020). Тој зазема заначајно место во развојот на историјата на уметноста како последен македонски зограф и еден од првите основоположници на современото македонско сликарство.