Податоци од мониторингот спроведен во текот на 2020 година, во 14 основни судови низ државата ќе бидат презентирани од Коалиција „Сите за правично судење“ на денешната завршна конференција во рамки на проектот „Системски мониторинг на кривични судски постапки“, спроведен со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество–Македонија.
Конференцијата ќе биде јавна и ќе се одржи на онлајн платформата Zoom.
По презентација на податоците од анализата за мониторинг на кривични судски постапки, како што најавуваат организаторите, ќе следи излагање на судии, адвокати и јавен обвинител.
Од Коалицијата информираат дека, проектот има за цел да ги поддржи судските реформи насочени кон целосно исполнување на критериумите поставени со Поглавјето 23 преку оценување на ефикасноста на кривичната правда во основните судови и следење на практичната имплементација на процесните гаранции поставени во Законот за кривичната постапка и меѓународно прифатените стандарди за фер и правично судење.