Да се биде пратеник, не значи дека се подразбира и имањето на комуникациски вештини и имањето на ефективна комуникација со граѓаните, тоа не значи и дека се имаат предзнаења за давање изјави за медиумите, јавно претставување на идеите, ставовите и гледиштата. Меѓутоа, тоа секако се учи. Битно е, да се биде начисто со улогата, значењето и тежината на тоа да се биде јавна личност, да се води сметка за јавното претставување, јавно искажаните зборови и ефектот, последиците, позитивните или негативните, кои произлегуваат од непромислени постапки и зборови.

Ова го истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на онлајн Обуката за комуникација со граѓани организирана од Мисијата на ОБСЕ во земјава наменета за пратениците, асистентите и советниците во Законодавниот дом.

– Вистината, одмереноста, имањето разбирање и слух за сечиј проблем изискува спремност, посветеност и пожртвуваност. Се разбира, наградата е неизмерна затоа што довербата, задоволството, благосостојбата и напредокот на граѓаните, со тоа и на земјата, немаат цена, вели Џафери, изарзувајќи благодарност до амбасадорот Клеменс Која и Мисијата на ОБСЕ.

Според него, Собранието е отворено и достапно за соработка со сите пријатели и партнери кои се насочени кон поддршката и ефективното спроведување на неговата уставна улога на претставнички орган и носител на законодавната власт.

– За да биде организацијата и функционирањето согласно Уставот, потребно е сите чинители, како што е службата на Собранието, асистентите на пратеничките групи, и се разбира пратениците, да бидат свесни за должноста што ја имаат, да бидат за тоа подготвени и стручни. При тоа, градењето на нивните лични капацитети, ќе значи градење на институционалниот капацитет, со што ќе имаме зголемена ефективност и ефикасност во работата на Собранието и собраниските тела, додаде Џафери.

Во рамките на Меморандумот за разбирање, потпишан во 2018 година, рече тој, ОБСЕ се насочи токму на зајакнувањето на претставничката улога преку градење на институционалниот капацитет, како и на инволвираните капацитети, т.е. пратениците, асистентите и советниците. При тоа, во фокусот беше Парламентарната мрежа за контакт со граѓаните, при што беа отворени 46 канцеларии а неодамна беа опремени дел од нив со опрема за информатичка технологија како компјутери, монитори и принтери. Претходно, додаде, дал согласност и за обезбедување на финансиски средства со Буџетот за 2021 година за ангажирање до 75 лица од 1 јануари годинава до 31 декември 2021 година, со утврден бруто износ на месечен надоместок за нивната работа.

Тој нагласи колку е важна врската на пратенците со граѓаните – избирачи од каде го црпат легитимитетот, посочувајќи на личното искуство.

– Без оглед на тоа што Собранието има отворени врати за граѓаните, неговата работа е транспарентна и се емитува во живо, пратениците имаат свои канцеларии во рамките на објектот во кои можат да примаат и странки, сепак, ништо не може да се спореди со блискоста и достапноста на народните избраници со тие што им го дале легитимитетот, односно граѓаните во Канцелариите за комуникација со граѓаните. Затоа што, чувањето на врската и контактот со изборната единица е најдобар показател за тоа колку сакате и можете да бидете во тек со реалните тешкотии и конкретните проблеми со кои се соочуваат секојдневно. Поаѓајќи од тоа, да се најде и реално изводливото решение за истите. И јас лично, во ниту еден миг не помислив, ниту пак го покренав прашањето на преселување од мојот дом во Форино и да скратам губење на време на патувањето, затоа што сум свесен дека токму напротив, тоа е време на останување во контакт со реалниот живот и реалните проблеми и нивно подобро сфаќање. Се разбира дека на тој начин ќе може да се исползува и законодавната улога на Собранието, односно, донесување на законски решенија кои вистински ќе го олеснат и подобрат животниот стандард на нашите сограѓани, порача во обраќањето претсдателот на Собранието Талат Џафери.

Во денешниот брифинг со новинарите, Претседателот на Собранието Талат Џафери а поврзано со исказите на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ дека во Собранието има пратеник кој силувал жена и за тоа казната ја одлежал, Џафери истакна Собранието нема истражни и судски надлежности за да произлезе обврска на парламентот да истражува такви работи.

-Во ДИК преку процедура сите пратеници мора да потврдат дека немаат такви дела од соодветните судски инстанци, не верувам дека постои некој суд во државата кој ќе даде потврда дека не е осудуван некој, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите.