Владата на Република Македонија е цврсто решена да ја промени сликата и перцепцијата во борбата против корупцијата, тоа е еден од главните приоритети на „Акција 21 – европски стандарди дома“.
Од Владата соопштуваат дека за борба против криминалот и корупцијата потребни се независно обвинителство и независни судски органи. Владата ги обезбедила сите услови за реформа во правосудството и со право очекуваме резултат, односно секој што се огрешил по законот да сноси одговорност.
– Имаме и решителност, и храброст, и план и знаење како да се справуваме со корупцијата и криминалот.
Без разлика што намалувањето на перцепцијата за корупцијата е процес побавен од фактичкото намалување, уверуваме дека ќе се менува перцепцијата кај граѓаните, со секоја следна судска одлука, со секоја следна фаза од прочистувањето кое започна и кое покажува видливи резултати. За алармот кој доаѓа од последниот извештај на „Транспаренси Интернешнл“ сме свесни и укажуваме дека ништо нема да ги поколеба институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Владата и граѓаните се на иста страна кога станува збор за борба против корупцијата, се наведува со соопштението од Владата.
Последното рангирање на „Транспаренси Интернешнл“ за индексот на перцепција на корупција според кое Република Македонија е на 111 место, се наведува во владиното соопштение, покажува и дека земјата го има истиот број поени како и во претходниот што е показател дека нема назадување во процесите.
– Истражувањето обезбедува детална оценка на ризиците од корупција во институциите на националната одбрана со оценување на секоја држава во пет клучни области на ризик: финансиска, оперативна, персонал, политичка и јавни набавки. Успеавме да бидеме подобри од четири земји кои се веќе членки на Европската Унија и од шест земји кои се членки на НАТО. Ова покажува за направениот силен пробив во транспарентноста и интегритетот во работењето. Владата покажа како се обезбедуваат европски вредности и стандарди дома. Би сакале да потенцираме дека станува збор за Индекс за перцепција на корупцијата. Во таа насока, важно е да се потенцира дека оваа алатка на „Транспаренси Интернешнл“ не говори за тоа дали корупцијата фактички пораснала, туку за тоа што граѓаните го мислат во врска со корупцијата, што секако е од огромна важност.