Заканите и притисоците кон матурантите нема да ги предомислат во намерата да истраат во бојкот се додека не ги остварат своите права. Признаваат дека се исплашени од заканите на професорите и директорите, но нивната убеденост дека одлуките на Министерството за образование и наука, воопшто не се поволни за нив, го брише стравот.
-Во овој момент, од страна на МОН и останатите функционери или институции во градовите низ Македонија, како што има информации Сојузот на средношколци, се врши притисок врз учениците да се вратат на настава, со изговарање на речениците: ќе ве запишуваме, ќе имате неоправдани, ќе мора да надоплонувате часови или пак, доколку сето ова не ви одговара, полагајте завршен испит во училиштето, изјави за Алфа, амбасадор на Сојузот на средношколци на РМ, Марио Велковски.
-Ние како Сојуз ниту еднаш не извршивме некаков сјабер-булинг врз нашите соученици. Ние седнавме повеќепати на маса со министерката, но во ниту еден случај, нашиот договор не беше потпишан, а подоцна откако излезе министерката истиот не беше потврден, туку беше видоизменуван. Ние нема да се откажеме од нашите барања и се надеваме дека и нашите соученици нема да потклекнат пред притисоците кои што се од страната на нивните класни раководители, директорите и погорните органи, посочува матурантката Ангела Кочоска.
Со бојкотирање на он-лајн наставата, веќе цела недела, поддршка на своите врсници од земјава им даваат и матурантите од петте прилепски средни училишта, чиј број изнесува околу 1.000 ученици. Над 70 проценти од нив, според Велковски, наставата секојдневно ја бојкотираат.