Онлајн-конференција „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на ЕУ интеграции“ ќе биде одржана денеска во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма.

– Имајќи ги предвид последните случувања во процесот на ЕУ интеграции на земјата кои го прават неизвесно започнувањето на преговорите од една страна и неопходноста од продолжување на реформите од друга, на конференцијата ќе се дискутира за тоа какви се изгледите медиумите и граѓанските организации да го интензивираат притисокот врз институциите за спроведување квалитетни и навремени реформи во сите области. Ова е особено важно ако се имаат предвид резултатите од последното истражување на МЦМС и Телма, кои покажаа голем скептицизам кај граѓаните дека реформите се можни без надворешен притисок. Може ли тој притисок да биде внатрешен, домашен? Како да се даде и прифати максимумот од медиумите и граѓанските организации на патот кон остварување на оваа стратешка цел на државата?, велат организаторите на конференцијата

На дебатата ќе учествуваат вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, евоамбасадорот Дејвид Гир, амбасадорот на Шведска Кристин Форсгрен Бенгтсон и Шерифе Исмаили-Касапи, проект-менаџер во Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги. За искуствата од регионот ќе говори Тања Мишчевиќ, заменик на генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка.

Конференцијата е дел од проектот ЕУро Фокус, финансиски е поддржан од Шведската агенција за меѓународен развој преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Македонија, кој се имплементира од Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги.