Работата и успешноста на една работна организација се должи пред се на професионалноста, искуството и доследноста на вработените.
Функционирањето на хиерархијата во таа организација е од есенцијална важност за навремено, законски и целисходно изработување на планови за работа во сите аспекти од работењето, нивна имплементација и извршување во секојдневното работење на таа организација но и на подолг временски период, за сето тоа да допринесе кон позитивен исход во работата и почитување на правата и обврските кон работникот, како основна компонента во секоја работна организација.
Бидејќи во одредени работни организации целата работа ја извршува човечки фактор неопходна е потребата од следење и надгледување на таа работа за да се избегнат пропусти, недоследности па и девијантни појави кои допринесуваат кон неквалитетно,недомаќинско работење кое ќе резултира со неуспешност,намален квалитет и во крајна инстанца до распад на системот на работа и хиерархијата во таа организација.
Министерството за внатрешни работи не е исклучок од тоа.
Сведоци сте на фактот дека Синдикатот на полиција во Македонија одреден временски период будно ја следи работата и функционирањето на МВР и работата на посебните оддели со нивното раководство во извршувањето на нивните обврски и работни задачи.
За жал, како Синдикат, во многу краток временски период забележавме и документиравме многу недоследности и можни девијантни појави во определени Сектори, Оддели на МВР и чувствуваме морална и етичка обврска тоа да се објави за да се спречи понатамошната таква или слична пракса.
Како пример кој најмногу ги погоди работниците мораме да го посочиме писмото испратено од Одделот за заеднички работи и управување со човечки ресурси при Бирото за јавна безбедност на МВР, со кое се бара раководителите на Организационите единици да достават список на вработени кои оствариле исплата на Бонус плата за 2017та година по основ на Судски спор! Таквото барање од страна на наведениот оддел се должи на тоа што МВР по основ на Бонус плата за 2017-та година изврши исплата на дел од работниците кои ги исполниле условите за тоа, но утврдено е дека дел од нив веќе го оствариле тоа право преку судски спор.
Најнапред поставуваме прашање : Зошто наведениот Оддел или МВР нема никаква евиденција за тоа колку работници го тужеле МВР за неисплаќање на законски заслужениот додаток? Дали тоа значи дека МВР не знае колку парични средства се одлеале од нивната сметка само по овој основ, треба да одговори првото лице на тој Оддел. Но тука постои и дилема, Дали Министерот за внатрешни работи нема веќе контрола врз тој оддел и одлевањето на средствата или воопшто не ни знаел што и како се работи?! Во секој случај хиерархијата и нејзиното функционирање потфрлило и затоа Министерот потпишал решенија за исплата на бонус плата за 2017-та година.
Исто така интересно е барањето за список на работници кои веќе го оствариле тоа право по судски пат.Како, на кој начин и од која причина раководниот работник во Организационата единица би знаел кој работник и за што поднел тужба?Тоа повторно е задача и обврска на ОЗР, но очигледно својата обврска ја префрлаат на раководителите. Дали тоа се работи со цел да се избегне одговорноста пред Министерот за тој огромен пропуст? Или тука веќе се работи за некоја девијантна појава?
Како тоа да не е доволно во сомнителното работење на овој оддел, во барањето истите поставиле УСЛОВ:
– ДОДЕКА НЕ СЕ ВРАТАТ ТИЕ ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА, ИСПЛАТАТА ЗА ИЗОСТАВЕНИТЕ ОД ПРВИЧНО ДОСТАВЕНИОТ СПИСОК НЕМА ДА СЕ РЕАЛИЗИРА?!
Прв список? Изоставени работници за исплата? Нема исплата додека не се вратат парите?!
Господине Министер, дали ја следите оваа состојба и дали сте запознати со оваа терминологија која ја користат Вашите подредени, која ја пренесуваат вашите советници, а која Вие ја одобрувате?
Мораме да напоменеме дека по основ на судски спорови, работниците на МВР добиле огромни парични средства во претходните години, по различни основи. Самото тоа што таквата пракса продолжува масовно од 2015 година па до ден денес, за со доаѓањето на сегашниот Министер за внатрешни работи не е прекината, односно не се преземени мерки со кои би се нормализирала исплатата на работниците по тие основни редовно, месечно или по договор, ни дава за право да тврдиме дека Министерот за внатрешни работи навистина нема контрола врз финансиското работење на сопственото Министерство. Во крајна инстанца, истиот тој Министер не презел никаква иницијатива за да се испита и спречи таа девијантна појава на одлевање на финансиски средства од МВР, не побарал одговорност од надлежните лица во споменатите Оддели, факт кој се докажува со тоа што истите индивидуи ги водат погоре наведените Оддели долгогодишен временски период без промени.
Синдикатот на полиција во Македонија бара одговорност за ваквото неетичко, недомакинско и незрело работење на овој Оддел и неговите раководители. Со таквото работење е нарушен угледот на МВР во најмала рака, прекршени правата на работниците, но е нанесена огромна штета на буџетот на МВР, БЕЗПОТРЕБНО!!!
Г-дине Министер, за ваквото работење и нанесената штета бараме и очекуваме одговорност!!!
Постојат, повторно за жал, многу примери на неодговорно работење во рамките на МВР, но како еден од последните мораме да го издвоиме и незаконското доделување на решенија на работници во МВР со кои се прераспоредуваат надвор од местото на живеење.
„ПО ПОТРЕБА" на МВР работникот може да биде распореден, но по претходно утврдена постапка и по посебни услови утврдени со Закон за внатрешни работи и Колективен договор на МВР. Во овие случаи таа постапка не е запазена и тие услови не се исполнети, за што Синдикатот на полиција во Македонија поднесе основани докази до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен .Истата таа комисија ги прифати доказите како основани и пристапи кон пракса со која се
поништуваат решенијата на Министерот за внатрешни работи со кои работниците се распоредени надвор од местото на живеење. Пола од биткакт е добиена следува битката за побивање на решенијата во различни градови во рамките на ист СВР или РЦ за ГР.
Овде се поставува прашање дали постои таа потреба од прераспоредување на голем дел од работниците и колку е ОСНОВАНА? Бидејќи со самото распоредување надвор од месото на живеење, врз основа на закон, на работниците им следуваат финансиски додатоци, патем речено кои работниците не ги добиваат се уште, а со тоа се става уште поголем товар на буџетот на МВР.
Тука повторно се јавува како најодговорен Одделот за заеднички работи и човечки ресурси во БЈБ но и Комисиите за прераспоредување кои се формираат за овие потреби-одлучување по решенија. Дали повторно истите раководители, овој пат во спрега со Комисиите или дел од нив, повторно постапиле незаконски, неодговорно и неетички? Но овој пат, судејќи по тоа што потписник на тие решенија е Министерот за внатрешни работи, не може а да не се помисли дека самиот тој е одговорен и ги одобрил таквите незаконски решенија?!
За ваквите дејанија и појави во МВР, состојби кои ни во кој случај не се доказ за добро функционирање на една институција како МВР, состојби кои се одразуваат на работата на работниците на истото, институција која треба да биде репер за законско и етичко работење, Синдикат на полиција во Македонија има многу сознанија кои константно се следат и анализираат и доколку не се преземат мерки со кои ваквите појави не престанат и не се дојде до стадиум на нормално фунционирање на службите кои се засегнати со тие дејанија, повторно ќе бидат преземени сите законски овластувања кои ги имаме во заштита на правата на работниците но и во поглед на функционирањето на институцијата, бидејќи од тоа дали МВР функционира или не функционира онака како што е предвидено во ЗРО,ЗВР и КД и останатата легислатива на позитивно правниот систем на Македонија, зависи и работата на работникот-Полицаецот.
Во тој контекст,
Г-дине Министер, Синдикат на полиција во Македонија има надеж и од Вас бара утврдување на одговорност за таквиот начин на работење, преземање на мерки со кои ќе се санкционира таквата утврдена одговорност и отпочнување , во најмала рака, дијалог со Синдикатот за воспоставување на нормални работни услови и исполнување и подобрување на правата на работниците.
Се дотогаш, овој Синдикат има морална и етичка, но и професионална должност да посочи и презема дејства со кои ке се заштитат правата на работниците и за тоа да биде транспарентно известена јавноста во оваа демократска република од чии даночни обврзници ние како вработени во МВР, а вие како Министер за внатрешни работи, ги остваруваме своите приходи и Министерството својот буџет.
Паралелно на сето ова воопшто да не ве чуди што во најновиот извештај на „Транспаренси Интернешнл" во однос на корупцијата во земјите низ светот, објавен вчера, Македонија се наоѓа на 111-то место од 180 држави. Замислете сме во друштво со Панама и Монголија, и како земја го бележиме најниското рангирање во изминативе 20 години што значи моментно сме уназадени за 20 години.
Време е да и погледнеме да вистината во очи, време е да престанеме да гледаме со „розеви" очила.
Синдикат на полицијата