Митко Бојаџиски, драмски писател од Струмица со неговата пиеса „Со човечко лице“ влезе во најтесниот избор за најдобра драма, објавен од Нов Бугарски Универзитет во Софија, Бугарија на тема „Слобода“.
Преводот на драмата на бугарски јазик го направи Митко Гогов, а лексичкото уредување Петар Чухов. Академското жири на конкурсот со претседател Виолета Дечева и членовите Владимир Маринов, Георги Гочев, Михаил Неделчев, Пламен Дојнов, Светла Христова и Снежина Петрова во оваа фаза на селекција избраа седум ракописи.
Од вкупно 62 пристигнати ракописи на овој меѓународен конкурс, пиесата „Со човечко лице“ на Митко Бојаџиски се најде во најтесниот избор, а авторите кои се избрани ќе бидат дел од книжевната лабораторија која годинава во текот на месец февруари ќе се реализира под водство на познатиот писател Георги Господинов. После оваа активност во која авторите ќе можат да работат на нивните дела ќе биде прогласен победникот, а неговата драма ќе биде поставена на театарската сцена во Бугарија.
Резултатите ќе бидат објавени со почетокот на пролетниот семестар на Нов Бугарски Универзитет на 1 март оваа година.