Наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2020 година за мене пред се претставува огромна чест, а потоа и потврда на моето целокупно образование, животно искуство и литерарно творештво, изјави Лилјана Пандева, годинешниот лауреат на високата награда што секоја година се доделува во чест на ликот и делото на големиот охридски и македонски поет и преродбеник Григор Прличев.
На свеченоста по повод наградата што и е доделена за нејзината поема „Капетаните“ Пандева појасни дека преку делото направила спој на епското и лирското, современото и традиционалното, животот и литературата.
– „Капетаните“ е буквално израз на сето она за што сум се образвувала, и на некој начин почит на ликот и делото на Прличев, кој слободно да кажам ми бил опсесија, изјави таа.
Пандева за поетскиот израз рече дека претставува лирско дело со наративни елементи, без нарација и приказна нема поема.
– Спојување на тие елементи во поема е доста тешко. Во денешната современа литература, особено во светската па и во македонската поезија се почесто ги среќаваме токму споевите на интеркултуралноста и интерлитерарноста и на епиката и на лириката. Поемата бара и драма, сето тоа да биде споено, а пред се историски настан, подвиг, херојство. Затоа и „Сердарот“ е поема во вистинска смисла на зборот, рече таа.
Во нејзината поема „Капетаните“ тема е актуелен политички настан, хероите се наши мировници во Авганистан, борци за правда и мир, испратени во хумана мисија, во потрага по доброто, хуманото, алтуристичкото, каде човек ги пројавува своите морални квалитети, за спас на слабите и немоќните.
Зборувајќи за награденото дело, претседателот на жири-комисијата за доделување на наградата д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, истакна дека поемата „Капетаните“ се издвоила од петнесеттината доставени творби по својата структурална комплексност, со сложена експликација на развојот на самото дејство земено како основа или мотив.
– „Капетаните“ е особено дело по своите структурни, содржински, поетички квалитети. Нив ги доживуваме и како своевиден паралелизам со поемата „Сердарот“ на Прличев, бидејќи и во однос на мотивот и во однос ликовите согледуваме поклопувања, рече Тошиќ.
Свеченостите во рамки на „Прличевите беседи“ како манифестација што секоја година се одржува во чест на големиот поет почнаа со положување ловоров венец пред спомен-бистата на Прличев, по што беа доделени награди на првонаградените ученици на распишаниот литературен конкурс по повод патрониот празник на основното училиште во Охрид што го носи неговото име.
Претпладнево делегации на градот и институции се поклонаа пред гробот на великанот каде се одржа панихида. Во изложбениот салон на Центарот за култура беше отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“.
Попладнево во градската библиотека ќе биде промовирана книгата „За Прличев и неговиот 19 век“ од д-р Вера Стојчевска-Антиќ.
Книгата е симбиоза од научно–истражувачки текстови од д-р Стојчевска–Антиќ објавувани и презентирани во период од близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи. Од нив извира поврзаноста на Прличев со Свети Климент и неговото силно влијание врз одредени слова кои се мотивирани од заеднички извори. Трудот на д-р Стојчевска–Антиќ ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од 12 век во црковнословенски, за да се дојде до 19 век со потреба од изрaзување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.
Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред шест децении, како одбележување на годишнината од смртта на големиот поет, кој почина на 4 февруари пред 128 години. Прличев пред век и половина беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“. „Прличевите беседи“ се одржуваат во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, со поддршка на Министерството за култура.