Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што нашата земја и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата, соопшти Министерството за култура.

Владата на Република Северна Македонија ја усвои Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески” која е дел и од календарот на важни меѓународни јубилеи на УНЕСКО, имајќи предвид, како што наведува Министерството, дека културата и образованието директно влијаат врз градењето на општествената перцепција за вистинските вредности во едно општество.

Програмата за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ќе се одвива под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски. Носител на Програмата е Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.

– Програмата ќе се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата се обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и наука и од Агенцијата за спорт и млади. Покрај многубројните културно-образовни содржини, во рамките на јубилејот е предвидено Народната банка на Северна Македонија да издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата на Северна Македонија ќе издаде поштенска марка со ликот на великанот на македонската култура, додека настаните ќе се реализираат под унифициран плакат и лого на манифестацијата, информира Министерството за култура.