Трета година по ред Националната установа Центар за култура-Крива Паланка ја организираше поетската манифестација „Вино преточено во љубов” на која учествуваа членови на литературниот клуб „Калин“, кој работи во рамки на библиотеката на установата.

Манифестацијата е традиционална и се одржува по повод денешниот празник Св.Трифун, празник на виното. Оваа манифестација е дел од програмата на НУЦК за 2021 година.

Мира Ѓоргиевска, директорка на Националната установа Центар за култура, Крива Паланка истакна дека членките твореле на тема љубов и вино, во духот на денешниот празник и со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19 ја реализираат „Вино преточено во љубов 2021″, возвишувајќи го литературното творештво.

– Како установа што работи во областа на културата, покрај останатите дејности, паралелно водиме сметка за промоција и афирмација на пишаниот збор, негувајќи ја книжевната дејност во библиотеката”Кочо Рацин” и литературниот клуб “Калин”. Во клубот членуваат петнаесетина членови кои редовно творат и се дел од сите активности во рамки на годишната програма за литература, и иако во времето на пандемијата поголем дел од активностите беа сведени на минимум, а бројни манифестации беа одложени, сепак ја одржуваме традицијата на манифестациите како и денешната манифестација, востановена пред три години, рече Ѓоргиевска.