Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 вечерва триумфираше во Скопје над Елверум со 35:32 (17:20), забележувајќи ја првата победа во Лигата на шампиони по повеќе од четири месеци.

Ракометарите на Вардар беа во негатива по првиот дел, што Елверум го доби со 20:17, одржувајќи ја предноста до 41 минута, кога македонскиот првак за кратко го презеде водство со 25:24.

Натпреварот во салата „Јане Сандански“ влезе во неизвесен финиш и на три минути пред крајот, резултатот беше израмнет 32:32.

Норвешкиот првак не успеа да ги реализира последните три напади, додека на спротивната страна Гоце Георгиевски, Иван Чупиќ, од седум метри, и Тимур Дибиров беа прецизни за прва победа на Вардар од 15 октомври лани, кога „црвено-црните“ на истиот терен го совладаа Фленсбург со 31:26.

Најефикасен во редовите на Вардар вечерва беше Тимур Дибиров со девет голови.

Со вториот триумф во групата А, Вардар му го препушти последното место на табелата на Елверум, и со шест бодови од десет натпревари го пречекува следниот противник Мешков Брест, во Скопје на 4 март.


Администратор
24/02/2021 22:19