Освен што нема струја на третиот кат во тетовскиот центар за култура, сите простории се и нефункционални и во речиси руинирана состојба. Двете поголеми простории кои се ателјеа за уметничка работа се полни со расфрлани отпадоци, отпушоци од цигари, оштетен инвентар, ѕидови, врати и прозорци. Исто така не функционираат тоалетите. Ваквата запуштена состојба ја затекнал и Арлинд Хусеини, кој пред еден месец стана директор на оваа установа.

-При првичната ревизија на состојбите утврдив дека станува збор за неколку лица кои ги користеле овие простории и за кои не се водело грижа. Воедно тие простории се користеле по сопствена волја на неколкумина поединци без соодветна дозвола, работно време и согласност од раководството на центарот, објаснува Арлинд Хусеини.

Како што веќе информиравме Центарот предвидува реконструкција на покривната конструкција, а директорот сака да се најдат средства за да се среди проблемот со струјата на третиот кат како и неговата функционалност.

-Ќе барам повеќе средства да се обезбедат за да се уреди целиот кат и да се оспособи неговата функционалност. Воедно сметам дека ќе треба да се воведе повеќе ред и дисциплина во користењето на ателјеата. Односно секој кој сака да ги користи просториите да побара согласност, да се воведе распоред и начин на кој може да се користат ателјеата, да се почитува работното време во центарот и слични работи со кои ќе воведеме повеќе ред и дисциплина во функционирањето, објаснува Арлинд Хусеини.

Според плановите на Хусеини во иднина ќе се работи и на преуредување на просториите на другите катови со цел да се овозможи вработените во Центарот да добијат соодветни канцеларии. Во рамки на систематизацијата кај вработените има четири унапредувања и ново вработување на позицијата кустос.


Администратор
04/03/2021 11:31