Во издание на „Бата прес“ на македонски јазик е објавен романтичниот љубовен роман „Еден ден во декември“ од познатата британска писателка Џози Силвер. Станува збор за бестселер кој уште во првата година по издавањето беше на врвот на листите во водечките светски весници и списанија.

Еден снежен ден во декември, низ замаглениот прозорец на градскиот автобус, Лори ќе го здогледа младичот за кого веднаш знае дека е суден за неа. Во тој момент погледите им се сретнуваат и настанува вистинска магија... И, тогаш автобусот тргнува од постојката.

Убедена дека судбината повторно ќе ги спои, таа цела година се обидува да го најде на улиците, автобуските постојки и по лондонските барови и кафулиња. Но, не го пронаоѓа.

Ама, законите на љубовта, тешко може да се разберат и да се следат, а судбината понекогаш создава испреплетени патеки по кои се движиме и кои не можеме да ги промениме. Следните десет години, животот на Лори, Сара и Џек е полн е со болка, пријателство, пропуштени шанси, погрешно избрани патеки.

„Џози Силвер напиша топла и моќна сторија за љубовта, губењето и пријателството, со чии што ликови се поистоветуваме. Ова е книга на која постојано ќе се навраќате“, пишува познатиот книжевен критичар и есеист Џил Сантиполо.

Книгата првата јавна промоција ќе ја има на Осмомартовскиот саем на книгата што се одржува во трговскиот центар „Сити мол“, а нејзиното прво издание беше речиси распродадено во претплата.

Џози Силвер е писателка на романтични љубовни приказни.

Нејзиниот роман „Еден ден во декември“ беше на бестселер листата на Сандеј тајмс и Њујорк тајмс. Преведена е на повеќе од 25 јазици.

Џози Силвер живее во мал град во внатрешноста од Обединетото Кралство, заедно со нејзиниот сопруг и нивните синови.


Администратор
04/03/2021 12:26