Во земјава вчера почна спроведувањето на ИПА-Програма за превенција од поплави и управување со ризици од шумски пожари за земјите од Западен Балкан и Турција (ИПА ФФ) – нова тригодишна иницијатива, финансирана од ЕУ.

Дирекцијата за заштита и спасување го координираше настанот, кој се одржа со претставници од националните институции задолжени за цивилна заштита во Северна Македонија, претставници на Генералниот директорат на Европската комисија за цивилна заштита и операции за хуманитарна помош (DG-ECHO), Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, партнери на конзорциумот ИПА ФФ и амбасадите на партнерите на конзорциумот ИПА ФФ во земјата.

Како што соопшти денеска Дирекцијата за заштита и спасување, Програмата ИПА ФФ претставува значајно продолжение на претходните иницијативи финансирани од ЕУ, насочени кон зајакнување на капацитетите за спречување и подготвеност за ризици од катастрофи во регионот и во Северна Македонија.

– Ние ќе продолжиме во таа насока, да го усогласуваме нашето национално законодавство со ЕУ и да ги усвојуваме стандардите и практиките на ЕУ. Оваа е различна во смисла на вклучување на повеќе релевантни институции, не само на органите за цивилна заштита, кои, исто така, имаат надлежности во спречување, подготвеност и одговор на поплавите и пожарите, рече г-дин Беким Максути, генерален директор на Дирекцијата за заштита и спасување на Северна Македонија.

Програмата е и уште еден чекор кон поттикнување регионална соработка, споделување на најдобрите практики и понатамошно усогласување на системите на партнерските земји со законодавството на ЕУ за цивилна заштита.

Штефен Худолин, раководител на одделот за операции во делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, посочи дека проектот не може да ги елиминира пожарите и поплавите, кои се очекува да се зголемат со климатските промени, но се надева, рече, дека ќе помогне да се развие поактивен пристап за минимизирање на нивните последици преку подобрување на управувањето со ризиците, политиките за превенција и подлабоко поттикнување и подобра прекугранична координација.

Дирекцијата во соопштението наведува дека Конзорциумот ИПА ФФ е предводен од Италијанскиот оддел за цивилна заштита како координатор, заедно со агенциите за цивилна заштита на Шведска, Словенија, Романија, Бригадата за противпожарна заштита и спасување на Моравско-шлезискиот регион на Чешката Република, Романскиот национален центар за управување со катастрофи и италијанската фондација ЦИМА.

– Поради пандемијата со КОВИД-19, овој настан, како и првата фаза од програмата, беше организиран виртуелно, претворајќи ја вонредната состојба во можност и гарантирајќи имплементација на активности за подобро спречување и одговор на ризиците во регионот, соопштува Дирекцијата за заштита и спасување.


Администратор
04/03/2021 20:20