Издавачката куќа „ПАБЛИШЕР“ ја објави книгата за деца „Невидливото дете“ од шведската авторка Туве Јансон. Преводот на македонски е на Ивица Челиковиќ. Книгата е дел од едицијата „Приказни што нѐ обединуваат“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Како што соопшти издавачот, во „Невидливото дете“ се сместени девет возбудливи и забавни приказни за маките и победите на жителите на Муминовата Долина.

Туве Јансон го создава светот на Мумините како автономен универзум, еднакво волшебен и фантастичен и за деца и за возрасни. Првата книга за Мумините, „Малите тролови и големата поплава“ била објавена во 1945 година. Серијата за Мумините продолжила со уште осум книги, од „Лов на комети“ (1946) до „Доцна во ноември“ (1970). Книгите за нив достигнале популарност и ја направиле Јансон една од најпознатите писатели за деца на 20 век. Со „Шеширот на волшебникот“ (1948), Туве Јансон доживува вистински пробив како писателка за деца. Книгата била преведена на англиски и го отворила патот за успешно меѓународно претставување на книгите за Мумините. Преведени се на 35 јазици, а исто така се и драматизирани за театар, опера, филм, радио и телевизија.

Туве Јансон е добитник на многу награди и признанија, меѓу кои плакетата „Нилс Холгерсон“ во 1953 година, Златен медал Ханс Кристијан Андерсен во 1966 година, Финската награда во 1993 година, Големата награда на Шведската академија во 1994 година и многу други.