Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје во рамки на проектот „Храбри нови зборови, прекрасни нови светови“ (Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS) ја објави книгата „Гитара од палисандер“ од хрватската авторка Кристина Гавран.
Романот „Гитара од палисандер“, како што соопшти издавачот, е фокусиран на пет женски судбини. Навидум оддалечени со векови, секоја во својот свет и во својата приказна, со своите затворени светови што еволуирале од митот и суеверието до современите обрасци на однесување и женска еманципација, на крајот на романот овие жени ќе бидат поврзани во голема приказна за таинствените врски што се протегаат низ вековите.
– „Гитара од палисандер“ е роман во кој сè се наоѓа на своето место, кој со композицијата потсетува на големите музички дела и начинот на кој се компонирани. Гавран пишува како да компонира, плете мрежа од зборови и настани, внимава на темпото и лајтмотивите и успева да постигне одлични ефекти со суптилно изведено нијансирање. Одлично замислена, со спојувањето на просторите и времињата и впечатливо реферирање на бајката, нејзината приказна е и женска (на начин што нема врска со „женското писмо“) и музичка (не на прво, туку на длабинско структурално ниво) и, што е најважно, е севременска, се вели во соопштението од Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје.
Кристина Гавран е родена во 1987 година во Загреб. Дипломирала драматургија на Академијата за драмски уметности во 2013 година. Во текот на студиите работела како драмски педагог, играла во претстави за деца и пишувала за teatar.hr. Води работилница за креативно пишување и драмски игри за деца и возрасни.
Во изданието на „Гитара од палисандер“ на македонски јазик преводот од хрватски е дело на Владимир Јанковски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерствата за култура на Република Северна Македонија и на Република Хрватска.