ЕУРОДРАМ – Европската мрежа за современа драма и превод ги соопшти резултатите од изборот на најдобри преводи на драмски дела на европско ниво за 2021 година, меѓу кои се и три преводи на македонски јазик. Меѓу 343 пријавени преводи од цела Европа, наградени се македонските преведувачи Атанас Вангелов, Катица Гароска Ацевска и Благоја Бошковски.

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно девет предложени преводи, од кои како најдобри ги избра: - „Праведници“ од Албер Ками, во превод од француски на Атанас Вангелов - „Од сабајле не сум запрел“ од Уна Визек, во превод од хрватски на Катица Гароска Ацевска и - „Диши“ од Данкан Мeкмилан, во превод од англиски на Благојa Бошковски.

Исто така, меѓу најдобрите од два други јазични комитети се најдоа и преводите на две драми од македонски автори: „Изгубени Германци“ од Дејан Дуковски, во превод на босански/црногорски/српски/хрватски од Лука Сушиќ и „Така било пишано“ од Сашко Насев во превод на украински од Ана Багрјана.

Наградените преводи ќе бидат споделени во мрежата на Еуродрам, а доколку условите дозволуваат, ќе бидат претставени преку јавни читања во 2021 година.

За наградените преведувачи

Атанас Вангелов е универзитетски професор по литература (во пензија), книжевен критичар и преведувач. Од француски јазик превел значајни теоретски студии, како и делата на Цветан Тодоров: Поетика (1990), Спроти екстремноста (2000), Одродениот човек (2001) и Должности и наслади (2005). Преводот на драмата „Праведници“ од Албер Ками е значаен и по тоа што е прв превод на ова дело на македонски јазик. „Праведници“ (1949) има своја прозна верзија во романот „Чума“ (1947) и филозофска во книгата „Побунетитиот човек“ (1951). Иако во времето на нивното настанување овие дела на Албер Ками ќе предизвикаат духовен потрес во интелектуална Европа, драмата „Праведници“ досега не е изведувана во македонските театри.

Катица Гароска Ацевска е долгогодишна преведувачка од англиски, француски, српски/ хрватски/босански и од бугарски на македонски јазик. Превела дела од познати писатели меѓу кои се: Арундати Рој, Џ. Д. Селинџер, Филип Рот, Маргерит Јурсенар, Вирџинија Вулф, Ф. С. Фицџералд, Јукио Мишима, Филип Давид, Мирко Ковач и Данило Киш. Добитничка е на наградата за книжевен превод „Златно перо“ за 1999 година. Драмскиот текст што го преведе Катица Гароска Ацевска - „Од сабајле не сум запрел“ на хрватската писателка Уна Визек (1976), бил праизведен во загрепскиот театар „Керемпух“ и добил повеќе награди, меѓу кои и националната награда „Марин Држиќ“ за 2017 година.

Благоја Бошковски студирал англиски јазик и книжевност во Скопје. Негови драмски преводи од англиски јазик биле играни во повеќе македонски театри: „Диши“ од Данкан Мекмилан, ДТС, 2020; „Бесачи“ од Мартин Мекдона, МНТ, 2019; „NSFW“ од Луси Кирквуд, ДТС, 2019; „Фестен“ од Дејвид Елдриџ, ДТС, 2018; „Полковникот од Инишмор“ од Мартин Мекдона, ДТС, 2006; „MKD Twilight Zone“ – компилација текстови од Дејвид Ајвс, НТ Битола, 2000; „Тхе Ловер“ - компилација текстови од Дејвид Ајвс, Керол Черчил и Харолд Пинтер, ДТС, 1998.

За изборот на Еуродрам

Изборот на најдобри драмски преводи во Европа за 2021 година му е посветен на Марсел Куртијаде (1953-2021), француски лингвист, предавач на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, член на Еуродрам и познат истражувач и афирматор на ромскиот јазик и култура.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2021 година е достапен на http://eurodram.org/2021-selections/

ЕУРОДРАМ е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во 29 јазични комитети меѓу кои е и македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катерина Коцевска, актерка, драмска писателка и директорка на Драмски театар од Скопје; Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз; Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје.