Македонскиот ПЕН-центар традиционално, по 32-ри пат, го одбележа Светскиот ден на поезијата – 21 март, со поетски митинг и Порака до поетите од светот.
Поради пандемијата, годинава настанот се одржа онлајн, а одбележувањето овојпат беше посветено на три јубилеи: 100-годишнината од раѓањето на основоположникот на македонската модерна поезија Блаже Конески, за што во оваа пригода беа прочитани неколку негови песни, на 700-годишнината од смртта на големиот италијански ренесансен поет Данте Алигиери и на 100-годишнината од основањето на Меѓународниот ПЕН.
На поетскиот митинг со свои пригодни песни учествуваа десет еминентни македонски поети-членови на Македонскиот ПЕН-центар, а Посланинето во кое се укажува на големото значење на Конески и Алигиери во развојот на македонската и светската поезија го соопшти Анастазија Ѓурчинова. За важноста на Светскиот ден на поезијата и за традицијата на неговата прослава кај нас говореше Зоран Анчевски, претседател на Македонскиот ПЕН-центар.