Од утре, 2 април до 2 мај, оваа година, ќе се одржи манифестацијата Месец на изданија за деца и млади во организација на Издавачката куќа Феникс од Скопје.
Како што соопштија организаторите, на овој пролетен саем на книги за деца и млади, покрај големите саемски попусти на сите изданија, предвидени се и голем број програмски содржини и тоа: Конкурс за литературни и ликовни творби, прогласување на најдобрите учесници и доделување награди за најдобрите литературни и ликовни творби; претставување на новото тематско списание Учење низ игра.
Ќе се претстават и автори: писателите Велко Неделковски и Христо Петрески и илустраторката Славица Купенкова; предвидени се и онлајн литературни работилници кои ќе ги водат писатели за деца и млади; онлајн ликовни работилници кои ќе ги водат илустратори за деца и млади; онлајн промоции на најнови изданија за деца и млади во издание на Издавачката куќа Феникс.
Според програмата, на манифесатцијата ќе бидат претставени писателите за деца од Србија: Милутин Ѓуричковиќ, Зоран Пеневски и Власта Цениќ, а ќе биде потпишана Спогодба за соработка со Институтот за литература за деца и млади од Белград.
Како вовед кон манифестацијата денеска се организира трибина на тема: Македонската литература за деца и млади денес со учество на проф.д-р Васил Тоциновски, проф.д-р Мито Спасевски, проф.д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф.д-р Јованка Денкова и доц.м-р Трајче Кацаров.