Во списанието „Недељник“, српската глумица Мерима Исаковиќ открива дека и таа била силувана од глумецот Бранислав Лечиќ пред повеќе од 40 години.

Мерима Исаковиќ беше можеби една од најталентираните актерки во поранешна Југославија, но нејзината кариера беше прекината од сообраќајна несреќа што ѝ се случила кога имала 21 година. Таа денес е психолог.

„Имав 18 години. Есента 1978 година. Тој ме турна во станот. Ми го соблече фустанот. ’Не обидувај се да врескаш. Никој нема да те чуе.‘ Ме собори на подот. Чувствував како ме крши. Секоја коска боли. Само не вака. ’Те молам, Боже! Ако успее, ќе умрам вечерва.‘ Тој ужива во мојот страв. Му го чувствувам мирисот. Како мирис на гниење. Застрашувачки поглед. Празно и црно. Очи без душа“, вели таа во својот напис.

Глумицата нагласува оти денес има потреба да ја каже вистината и сите внимателно да го прочитаат ова.

„Тој за малку ќе успееше да ми го уништи животот, да ми ја згасне младоста, да ме проголта како темнина. ’Простувам‘, му реков тогаш, пред 40 години. Простувам, но не заборавам. Никогаш нема да ја разбереш болката што си ми ја нанел. Повеќекратна болка. Ако некогаш слушнам дека си нанел слична болка на некого, ќе им кажам на сите што се случило. Го одржав мојот збор. Се чини, Лечиќ не го одржа неговиот“, пишува Исаковиќ.

На крај, таа вели дека чувствува морална обврска да го сподели своето искуство со надеж дека ова признание ќе ја поддржи Даниела Штајнфелд и другите жртви на сексуална злоупотреба. Имено, Штајнфелд се појави во јавноста пред речиси еден месец и го откри името на човекот кој ја силувал во 2012 година – Бранислав Лечиќ.

Таа притоа беше поддржана од бројни глумици, глумци и други јавни личности. Новинарката Христина Стојиљковиќ потоа ги објави пораките што ѝ ги испраќал Лечиќ.


Администратор
08/04/2021 14:53