Има напредок во дигиталната писменост на младите меѓу 16 и 19 години во земјава во 2019 година, беше соопштено на онлајн-конференција што денеска ја организираше Центарот управување со промени (ЦУП).

– Прогресот во нашата држава се искачува од 63 отсто на 74 отсто само за една година. Доколку се земат податоците и од 2020 година, верувам дека тој процент ќе биде уште поголем и поизразен поради целата оваа криза која нè втурна во дигиталните технологии, рече Неда Малеска од ЦУП.

Просекот на нивото на дигитални вештини кај младите од оваа возраст во Европската Унија е 83 проценти. Како земја пример за висок степен на дигитална писменост на младите во регионот, Малеска ја посочи Хрватска, што, рече, е директно поврзано со образованието и стратегијата на државата за подобрување на овие вештини.

-Кај нас, многу заостануваме во однос на дигиталните вештини кај лицата од сите возрасти. Далеку сме од просекот на Европската Унија и од Велика Британија, каде што според податоците од Еуростат, 74 проценти е нивото на дигиталните вештини кај лицата од сите возрасти, за разлика од 32 проценти кај нас, додаде Малеска.

Центарот управување со промени (ЦУП) денеска на онлајн-конференција презентираше електронските услуги изработени во соработка со министерствата за образование и наука и за информатичко општество и администрација, во рамки на проектот „Дигитализација во јавниот сектор во РСМ за непречено функционирање“.

Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство и поддржан од Британската амбасада во Скопје.


Администратор
15/04/2021 16:13