Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, и членовите на неговиот владин кабинет денеска одржаа вонреден состанок на кој беше донесена одлука до почетокот на септември да го повлече бугарскиот воен контингент од Авганистан, соопшти владината прес-служба.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов притоа посочи на одличната професионална работа на бугарскиот контингент во Авганистан во текот на изминатите години.

Бугарската Влада ја донесе одлуката во контекст на вонредниот состанок на министрите за надворешни работи и одбрана на земјите членки на НАТО, на кој беше одлучено да се почне со постепено и контролирано повлекување на мисијата од 1 мај 2021 година.

Во моментов, бугарскиот контингент во мисијата „Решителна поддршка“ на НАТО во Авганистан брои 117 лица.

Борисов најави дека од утре ќе замине на одмор, а ќе биде заменет од вицепремиерот Томислав Дончев, за да може да се работи на подготовка на владата, што ќе ја предложи ГЕРБ по добивањето на мандатот.

На вонредна седница на владата, Борисов уште кажа дека Планот за обновување и одржливост утре ќе биде доставен до Бугарското национално собрание, така што пратениците ќе имаат можност да одлучат дали ќе прифатат или ќе го променат. Според овој план, Бугарија може да добие 12,2 милијарди евра. Од оваа сума, грантовите во рамките на Инструментот за обновување и одржливост се 6,2 милијарди евра (околу 12 милијарди лева). Крајниот рок за доставување на Планот до Европската комисија е 30 април.