Во пресрет на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово – Велигден, издавачката дејност на Повардарската Епархија „Св. Ѓорѓи Полошки“, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, подготви и ги издаде од печат книгите: „Христос е слобода“, „Сродни души“ и „Сестри“, а го издаде и четвртото реиздание на „Давидовиот Псалтир“.

Како што информира за МИА, Никола Цилаков од издавачката дејност „Св Ѓорѓи Полошки“ сите книги можат да се купат во црквите од Епархијата Повардарска, како и во црквите во другите епархии во градовите во земјава.

-Посебно баран и читан од православните верници е „Давидовиот Псалтир“ и затоа се одлучивме да отпечатиме негово четврто реиздание, потенцира Цилаков.

Инаку издавачката дејност на „Св.Ѓорѓи Полошки“ при Епархијата Повардарска со седиште во Велес дејствува од 2007 година и до сега има издадени 90 наслови во книги, 57 броја од списанието „Православна светлина“, 12 броја стрипови-едуцирани библиотечни наслови за деца и млади, како и 40 најразновидни едукативни брошури.