Бројот на жртви на Ковид-19 во Косово, од појавата на пандемијата во март минатата година, достигна до 2.100, откако минатите 24 часа починале 14 од заболените, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според денешниот извештај на Националниот институт за јавно здравство на Косово, вчера се извршени 3.090 тестирања со методот РТ-ПЦР, од кои резултирале 442 нови носители на коронавирусот.
Вкупно од почетокот на пандемијата во земјата се регистрирани 98.835 заболени од Ковид-19, од кои, вклучително вчерашните 957, болеста ја совладале 88.380 лица. Активни носители на вирусот, според официјалните статистики, во моментов во земјата се 11.756 лица.
Со одлука на Владата, во Косово од вчера се укинати ограничувањата кои беа во сила минатите две недели, а се однесуваа на работата на угостителските објекти, трговските центри, физичката настава во основните и средните училишта и слично. Остана во сила полицискиот час од 22.30 до пет часот наутро.