Загриженост за земји од регионот кои се обидуваат да наметнат различни агенди, што не се европски и пријателски агенди, изрази шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата со неговиот црногорски колега Ѓорѓе Радуловиќ, кој од своја страна се осврна и на Договорот од Преспа за кој рече дека дополнително ќе ги зајакне темелите за градење на регионалната стабилност, јави дописничката на МИА од Атина.

На денешната средба во Атина на министрите за надворешни работи на Грција и Црна Гора дел од темите беше европската перспектива на земјите од Западен Балкан и грчката поддршка на патот кон ЕУ.

-Грција е потврден партнер и пријател на Западен Балкан и ја промовира европската перспектива, а тоа се потврди и со решавање на долгогодишниот спор меѓу Атина и Скопје и веруваме дека Договорот од Преспа дополнително ќе ги зајакне темелите за градење на регионалната стабилност и решавање на останатите отворени прашања на Балканот, рече Радуловиќ и истакна дека токму во Грција, пред 18 години, преку Солунската агенда, започна европскиот сон за земјите од Западен Балкан.

Министерот за надворешни работи на Грција, уште еднаш ја изрази поддршката за европската перспектива на регионот и додаде дека „Европската Унија треба да испрати јасна порака во оваа насока“, нешто што тој лично ќе го истакне на следниот состанокот на Советот за надворешни прашања кога Западен Балкан ќе биде на дневен ред.

Паралелно, Дендиас изрази загриженост за, како што рече, агендите што не се европски и пријателски.

-Ние во Грција, Западен Балкан го сметаме за регион од непосреден интерес, како регион во кој има многу наши пријателски земји. Да ви кажам дека сме загрижени кога гледаме други земји во нашиот регион со различни агенди што не се европски и пријателски агенди, агенди кои се обидуваат да го узурпираат нивното присуство во овие земји, обидувајќи се да оживеат империи и величина од минатото. Веруваме дека ова не е начинот што ќе го одведе нашиот регион во иднината. Она што ќе го одведе Западен Балкан, Балканот, сите нас во 21 век се европската перспектива, европските вредности, разбирањето и добрососедството, рече Дендиас.