Македонско научно друштво-Битола, денот на основањето – 25 април, го одбележа со празнична изложба на фотографии и документи од авторот Марјан Танушевски, новинар на МИА.
Научното друштво во Битола е формирано во 1960 година од неколку млади интелектуалци чија мисија е трајна вредност, која како урнек и денес ја користат поединци и институции, истакна претседателката на Друштвото, проф. д-р Невена Груевска.
-Голем е аманетот на младите интелектуалци, на професорката Олга Кривашија, Тодорка Дога, Душан Хр. Константинов, Владимир Чакар, Живко Паришко, Велимир Костовски, Александар Тодоровски, Милош Константинов, Кочо Цингаровски, Томе Ивановски, Томе Ристевски и професорот Јован Д. Кочанковски. Трајна е вредноста на мисијата која како урнек и денес ја користат поединци и институции затоа што е градена трпеливо и со години, чекор по чекор, и не со прескокнување! Тоа што сум првата жена претседател на Македонското научно друштво, искрено не го чувствувам како предност. Напротив, тоа е голема одговорност, исто толкава каква што имаа првите жени членки во тогашното Друштво за наука и уметност. Велат, идеите го водат Светот, а ние тоа повеќе од шест децении го потврдуваме, истакна Груевска.
Во рамки на празничните активности, МНД-Битола приреди изложба на фотографии и документи, која авторот д-р Марјан Танушевски ја наслови како „Наши Години“ и е поместена во фоајето на битолскиот Центар за култура.
–Изложбата содржи фотографски моменти кои отсликуваат значајни настани за Македонско научно друштво-Битола и документи за темелите на Друштвото. Јавноста може да ја погледне и прочита одлуката кога е утврден амблемот на Друштвото изработен од академскиот сликар Ранко Струмениковски. Од истражување на документи во Историски Архив-Битола воочив дека постапката се одвивала подолг период, се до утврдување на конечно решение усвоено на 17 април 1980 година. Амблемот со кој се гордееме во средината има отворена книга со старословенски букви, одраз на словенската писменост. Книгата е поставена на столб капитол – одраз на светската уметност и битолското поднебје. Врз книгата и столбот паѓаат сончеви зраци како симбол на слободен развој на науката и уметноста, посочи Танушевски.
На оваа изложба, додава тој, ја презентираме и Одлуката на Друштвото да потпише Спогодба со Универзитетот во Битола за организирање издавачка дејност која според истражуваниот материјал, во 1979 година ја иницирал првиот Ректор на битолскиот Универзитет, профeсорот д-р Стеван Габер, затоа што имал сознанија дека во Научното Друштво веќе има развиена издавачка дејност. Научниот Совет на ДНУ предводен од д-р Даме Несторовски и претседателот на ДНУ-Битола, м-р Кирил Крстев се потписници на одлуката.
Изложбата „Наши години“, по завршување на ковид-кризата, МНД-Битола ќе ја презентира и во други македонски градови.