Детскиот културен Центар „Карпош“ од Скопје го прославува јубилејот 30 години меѓународен детски фолклорен фестивал „Оро без граници“ со иложба на фотографии, која е отворена од денеска до 29 април во новиот салон на ГАЛЕРИЈА „КО-РА“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.
Поставката содржи фотографии на кои се претставени членовите на ансамблот од повеќе генерации во традиционални носии од повеќе региони на државава.
Директорката на ДКЦ „Карпош“ е и една од најстарите членови на ансамблот каде започнува од најраното детство.
-Изложбата има и архивско значење, а ги поврзува уметностите преку запазувањето на традицијата на танцот, музиката, носиите, вечно инспиративни, и толку сугестивни во својата изворна автохтона убавина. Неа ја надополнуваат и употребните предмети кои носат патина и носталгија на едно далечно време и будат инспирација за запазување на вредностите и во ововременото и урбано живеење и навраќење на изворите кои будат милозвучност и носталгија особено кај генерациите кои се далеку од огништата и од зародишот на традицијата, кога се далеку во дијаспората, истакна по повод изложбата Виолета Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Проектот е во организација на Детскиот културен Центар „Карпош“, а е поддржан од Град Скопје и јавната установа Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје.