Финалистките на годинашната награда „Денес“ за млад визуелен уметник – Ана Јовановска, Ана Лазаревска, Симона Манчева и Елена Чемерска вечер од 18 до 20.30 часот ќе бидат претставени онлајн на Фејсбук. Тие ќе имаат по 10 минути прашања од интернационалната жири комисија која ќе одлучува за наградата, што се состои од двомесечна резиденција во Њујорк, а победничката ќе биде соопштена утре.

Делата на четирите уметници може да се видат онлајн од 21 до 29 април на каналот на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФРУ). Изложбата е дел од 15-тото издание на престижната интерационална манифестација – доделување на наградата „Денес“ за визуелен уметник до 35 години.

„Денес“ е независна награда организирана во соработка со Residency Unlimited од Њујорк, поддржана е од The Trust for Mutual Understanding од Њујорк и во земјава се доделува на секои две години.Победникот ќе има можност да присуствува на двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во втората половина на 2021 година.

На наградениот уметник ќе му бидат покриени трошоци за виза, здравствено осигурување, патни трошоци, сместување и дневници од страна на The Trust for Mutual Understanding од Њујорк, додека организацијата за наградата т.е. изложбата и избирањето на победникот ги покрива локалната организација.

Наградата се доделува по петнаесетти пат, а именувана е по истакнатата уметничка група „Денес“ која во земјава постоела од 1953 до 1955 година.