По поразот на неделните парламентарни избори, зачестија барањата за оставка на лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
Меѓу оние кои тоа го побараа е и Бујар Нишани, висок партиски функционер и поранешен претседател, кој директно го обвинува за личен неуспех во изминатите осум години.
-Изборниот резултат беше големо разочарување и очај за гласачите и поддржувачите на опозицијата, како и неискористена можност за долгоочекуваната промена. Корумпираната влада на Еди Рама ќе продолжи да ја држи власта повторно, по осум години скандали и неуспеси. Денеска е моментот Демократската партија да се ослободи од примерот на неспособност и моделот што ја уништува малку по малку, обвинува Нишани.
Додава дека Баша ја држи Демократската партија како заложник идентично како што Еди Рама ја држи во заложништво Албанија.
-Баша мора да преземе одговорност за неговиот личен осумгодишен неуспех. Еди Рама ја држи Албанија во заложништво а Љуљзим Баша Демократската партија. Демократската партија не е лична сопственост на еден човек. Таа е куќа на слободата на стотици илјади Албанци. Никој нема да може да ја земе таа хипотека од која било причина, во каква било форма и по секоја цена, порачува тој.
Нишани смета дека сега е вистински момент партијата да се „ослободи од неспособноста“ и завршува со изреката на Доналд Трамп „MakePDGreatAgain“.
Наспроти барањата на неговите сопартијци за оставка, Баша синоќа од пред партиското седиште обвини за изборен масакр и најави продолжување на битката до победа.
Баша на чело на Демократската партија дојде во 2013 година по поразот на демократите и повлекувањето од лидерската функција на Сали Бериша.