,,Автобиографија во слики”, е насловена изложбата на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски, која денеска беше отворена во Кавадарци.

Директорката на Домот на културата ,,Иван Мазов-Климе”, Јулијана Туриманџова рече дека автопортретот е сериозна уметничка дисциплина, што го покажува односот на ликовниот уметник кон себеси и кон тоа што го опкружува.

-Токму тоа сака да ни го прикаже и авторот во неговите автопортрети и со право може да се каже дека Новица е вистински портретист. Трајковски ја има дарбата да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик. Тоа е забележано во неговите дела-мајка со расплакано дете во раце, љубовна сцена со саканата, добро утро на сите со кафенце и чаша вода, шеговито намигнување, блажена насмевка под капата на Дедо Мраз, додаде Туриманџова.

Таа нагласи дека покрај ведри у шеговити, авторот знае да испрати и сериозни пораки.

-Да се прикаже себеси како човек зад решетки што мечтае да полета како птица, човек што со крајот на очите гледа кон небото, човек што од градите пушта орел да полета кон височините, рече Туриманџова.

За Трајковски, ликовниот уметник Владимир Темков рече дека е голем македонски мајстор на четката.

Новинарот Душко Кралевски, рече дека е ова редок културен настан. Споменувајќи ги автобиографиите во книжевноста, тој нагласи дека кај сликарите тоа е ретка појава.

Авторот Новица Трајковски, меѓу другото, рече, дека, кај сликарите, секој портрет е посебна приказна.