Грција го достави до Европската комисија Националниот план за развој и одржливост „Грција 2.0“, со кој може да добие до 30,5 милијарди евра поддршка, од кои 17,8 милијарди евра во вид на грантови и 12,7 милијарди евра заеми, јави дописничката на МИА од Атина.
– Го добивме грчкиот план за отпорност и одржливост. Драго ми е што се фокусира на клучните области како што се зелената и дигиталната транзиција, вработувањето, вештините, приватните инвестиции и реформите. По оценката, Грција ќе може да добие до 30,5 милијарди евра преку #NextGenerationEU, напиша на грчки јазик, на Твитер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Алтернативниот министер за финансии на Грција Теодорос Скилакакис, кој воедно е и надлежен за Фондот за закрепнување, денеска на шефот на мисијата на ЕК во Атина, Јоргос Мосховис, му достави примерок од грчкиот план и истакна дека „Грција 2.0“ како што е насловен националниот план, содржи 106 инвестициски програми и 67 реформи, објаснети на 4.104 страници.
Примерок, во електронска верзија на УСБ стик, ѝ предаде грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, на нивната денешна средба и ѝ објасни дека Грција е втората земја од ЕУ што веќе го достави планот.