Албанскиот претседател Илир Мета на 24 јули следната година, кога му завршува мандатот, ќе се врати во неговата матична партија Движење за социјалистичка интеграција (ЛСИ), објави неговиот портпарол Теди Блуши.

– Претседателот Мета, во чест на жртвите за демократијата, направени од страна на ЛСИ, им соопштува на сите нејзини членови и поддржувачи дека на 24 јули 2022 година ќе се врати за да ја добие членската книшка на ЛСИ и ќе се приклучи во напорите на младите за Албанија на Албанците, стои во објавата на која постира фотографија од масовниот протест организран од Мета на 2 март минатата година.

Тој додава дека целосно било очекувано да бидат отуѓени гласовите, бидејќи „не биле преземени неопходните мерки за да се спречи овој тежок изборен криминал“.

– Претседателот Мета жали за масовното отуѓување на гласовите, но требаше да се очекува, бидејќи не беа преземени соодветни мерки за спречување на овој сериозен изборен криминал, пишува во објавата.

Тој исто така и се заблагодари на претседателката на ЛСИ, Моника Круемади, за однесувањето.

– Претседателот на Републиката, Илир Мета и се заблагодарува на претседателката на ЛСИ, Моника Круемади за нејзиното однесување во врска со откажувањето од пратеничките мандати во јануари 2019 и бојкотот на локалните избори, што ја надмина моќта на премиерот и го олесни создавањето на многу корумпирани закони по налог и само во интерес на олигарсите и купување избори, се посочува во објавата.

За претседателот Мета, ЛСИ водела искрена кампања, која може да послужи како пример за сите.

– Кампањата за ЛСИ беше искрена и модел за пример, посебно околу 110 илјади граѓани, кои се спротивставија на притисокот на мафијата, бандите, дискриминацијата во медиумите, надзорот и полицискиот притисок, наведува портпаролот Блуши.

Претседателот Мета (52), по напуштањето на Социјалистичката партија, во 2004 година ја формира ЛСИ, а по изборот за шеф на државата во јуни 2017, лидерската позиција ја презеде неговата сопруга Моника Круемади.