Европското движење во Република Северна Македонија, кое дејствува во рамките на Меѓународното европско движење со седиште во Брисел, по повод одбележувањето на Денот на европското обединување – 9 Мај, организира голем број активности за промоција на европските вредности.
– Оваа година, соочени со ситуацијата предизвикана од пандемијата Ковид 19 и препораките за социјална изолација, повеќето од активностите ќе ги организираме онлајн. Една од тие активности е изборот на најдобра фотографија на тема: „Мојот омилен културен споменик во Европа“. Ги покануваме медиумите и универзитетите да бидат дел од оваа активност и да ги мотивираат студентите за учество на овој натпревар, со испраќање сопствени фотографии со нивниот омилен културен споменик во Европа, соопштија од ЕДРСМ.
Според критериумите за учество, секој студент може да испрати само една фотографија, која треба да содржи културен споменик и да биде фотографирана во некој европски град. На фотографијата треба да биде и студентот што конкурира, но да не учествувал во натпреварот за најдобра фотографија минатата година.
Фотографиите се доставуваат на е-маил адресата на Европското движење secretariat@europeanmovement.org.mk најдоцна до 2 мај 2021 година, а во пријавата треба да бидат напишани име и презиме, факултет и меил за контакт.
Најдобрите три фотографии ќе бидат избрани заеднички од вкупниот број лајкови и од гласовите на тричлената комисија. Тие ќе бидат наградени со парични награди од вкупниот награден фонд од 250 евра.