Потпретседателот на Атлантскиот клуб Елена Поптодорова и долгогодишен амбасадор на Бугарија во САД, го коментираше случајот со протерување на уште еден руски дипломат од Бугарија.

– Очигледно Русија ја искористува ранливоста на Бугарија. Слабост на Бугарија е ова долго култивирано безусловно, некритичко верување дека Русија е крајното добро, рече таа за Бугарската национална телевизија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на Елена Поптодорова, протерувањето на дипломатите ќе продолжи сè додека има причини за тоа. Според неа, ова е дури и малку задоцнета реакција од бугарската страна по случајот со труењето на Скрипал во 2018 година, кога Софија срамежливо одби да зборува за случајот, како и да преземе активности во таа насока. Тогаш Европската унија протера околу 160 руски дипломати кои работеа во неа.

Поптодорова ги опиша тековните активности на Бугарија како скромни во екот на откритијата за активностите на Русија и, особено, нејзините воени разузнавачи (ГРУ) на бугарска територија.

Бугарија треба да постави добри одбранбени граници – целосно со почит и да разговара со Русија преку нив, коментира Поптодорова. Според неа, Бугарија треба да разговара со Русија со категоричност, што не поминува низ сентименталноста на религијата, како и на русофилијата и славијанството.